Новиот прволигаш во женска конкуренција, екипата на Газели Волеј, денеска го претстави првото големо засилување во очекување на почетокот на новата сезона. Станува збор за македонската репрезентативка Теа Терзиевска, која ќе биде големо засилување на тимот на позиција примач.
Терзиевска е со богато интернационално искуство, а изминатата сезона настапуваше за екипа од Ретимно во Грција.
„Сезоната што е пред нас ќе биде екстремно интересна и тешка. Се соочуваме со искусни и квалитетни екипи. Костурот на нашата екипа составен пред сѐ од исклучително квалитетни кадетки, кои се млади и желни за докажување. Јас и поискусните засилувања во тимот, покрај резултатскиот предизвик, ќе имаме задача и да го подигнеме дополнително нивото на овие девојки да им пренесеме што е можно повеќе од нашето знаење. Заедно мислам дека имаме квалитетна екипа која допрва има што да покаже. Подготовките течат одлично, имаме беспрекорни услови за тренинг. Се тренира напорно и фокусот е да ја доведеме формата на високо ниво преку пријателски натпревари и позитивна работна атмосфера. Пресреќна сум што сум дел од Газели”, истакна Терзиевска во својата прва изјава по доаѓањето во Газели Волеј.










