Заврши летниот преоден рок во одбојкарските првенства

69

Летниот трансфер период во домашните одбојкарски првенства заврши. Женските клубови од Првата и Втората лига беа исклучително активни кога станува збор за промените во играчкиот кадар со вкупно 66 доставени пријави за промена на средината. Кај мажите до ОФМ стигнаа „само“ 27 барања за трансфери.

Интересно е дека македонските репрезентативки и интернационалки Теа Терзиевска и Тамара Стојанова се враќаат на домашната сцена, односно Терзиевска ќе го засили новиот прволигаш Газели Волеј, додека Стојанова се враќа во позната средина Работнички Скопје. Шампионот Јанта Волеј КВ, пак, останува без две репрезентативки, Ива Стојкоска која се „сели“ во Наковски Волеј, односно Симона Стојановска која се враќа во матичниот Пелистер Волеј, кој во новата сезона ќе има статус на прволигаш.

Кај мажите, пак, репрезентативецот Стојан Илиев уште на почетокот на трансфер-периодот беше најавен како засилување на Штип УГД во пресрет на европското деби. Средниот блокер Филип Лепидовски, пак, ги напушта редовите на шампионот Струмица 47&72 и преминува во ГОК Борец.

Летниот трансфер период е комплетиран само за играчите кои настапуваат во клубови од националното првенство, додека клубовите имаат можност да ги засилат своите редови со странски играчи или пак, домашни играчи кои имаат статус на интернационалци до октомври. Трансфер рокот на Европската одбојкарска конфедерација е отворен до 6 октомври за дамите, односно до 20 октомври за мажите.

ПретходноТриумф на турнир во Ст. Петерсбург: Нено го освои првиот трофеј со Зенит
СледноБитола покажа дека заслужува репрезентативен фудбал (ФОТОГАЛЕРИЈА)