Арманд Дуплантис вчера по 14. пат го собори светскиот рекорд во скок со стап на Светското првенство во атлетика во Токио. 25-гдишниот Мондо ја користи технологијата и својата брзина за ваквите небесни скокови кои ги оставаат сите со подзината уста.
Според дел од анализите на науката, Швеѓанецот главно ја користи својата брзина на залетиштето како заслуга за предноста која ја добива пред конкурентите. Според ситражувањата, Дуплантис прави 20 чекори по залетиштето и може да достигне брзина од 10,3 метри во секунда на местото на отскокнување.
За споредба, другите машки скокачи со стап може да достигнат брзина од 9,4 до максимум 9,7 м/с.
Една од причините за оваа разлика се адаптираните обувки кои ги носи Мондо. Имено станува збор за пар специјално адаптирани шила кои се монтираат на обувките, кои тој ги искористи и пред неговиот последен обид за светски рекорд вчера.
Патиките, кои ги носеше и трикратниот светски шампион на 400 метри со пречки, Карстен Ворхолм, имаат кукаст шилец додаден на прстот на предната страна. Оваа „канџа“ му помага на Дуплантис да развие поголема брзина и да достигне поголеми височини, тврди дизајнерот Ромен Жирар.
Интересно е што шведската суперѕвезда не ги носи патиките со шилец при секој обид, откако си ја исече раката токму на врвот на шилецот на еден од минатите настани. Чевлите сега се адаптирани за да им се додаде гумен крај, но Дуплантис вели дека ја користи технологијата само кога се обидува да го собори светскиот рекорд. Во Токио, тој исто така користеше и поцврст стап за третиот обид на 6,30 метри за да му помогне да се искачи дополнително.
„Секогаш кога мислам дека имам шанса да го соборам светскиот рекорд, ја ставам канџата“, рече тој. „Би ја користел секој пат да не беше фактот што понекогаш се фаќам за рацете при инверзниот дел од скокот. Ако некогаш видите дека имам крв на мене, тоа е поради тоа“, вели Мондо.
Напредокот во технологијата на обувки помогна во соборувањето на голем број светски рекорди во атлетиката откако обувките од јаглеродни влакна станаа лесно достапни. Управните тела се обидуваат да бидат во чекор со напредокот во технологијата за обувки, а Светската атлетска федерација (WAT) ги ажурираше своите прописи во јануари 2022 година.
Во нив се наведува дека обувките не можат да се користат освен ако не им се достапни на „сите спортисти што учествуваат на соодветни натпревари“, а исто така има и технички барања за дебелината на ѓонот. Оттогаш рекордите продолжуваат да се соборуваат. Светскиот рекорд во женски маратон е соборен четири пати од септември 2023 година. Во машка конкуренција, девет од 10-те најбрзи маратони во историјата ги трчале спортисти кои носат карбонски обувки.