По Работнички и Наковски Волеј двата меча од Челинџ Купот ќе ги игра како гостин

25

Уште еден македонски клуб кој се пријави за настап во европските купови оваа есен, реши двата меча од квалификациското коло во Челинџ Купот на ЦЕВ да ги игра на гости. Струмички Наковски Волеј кој есенва ќе дебитира на европската сцена, денеска со соопштение информираше дека се принудени да прифатат двомеч на гостински терен против чешка Острава, поради недостиг на финансиски средства.

„За организација на еден натпревар на домашен терен се потребни сериозна сума на финансиски средства кои клубот до денес не можеше да ги обезбеди. Општина Струмица која има обврска и одговорност да ги поддржува клубовите што носат успех и го претставуваат градот на европско ниво, воопшто не одвои средства за нашиот клуб ниту покажа заинтересираност да се вклучи во организација на еден реванш натпревар кој треба да го одиграме дома и ќе ја афирмираме  и презентираме нашата општина. Истовремено, сведоци сме дека значајни средства од општинскиот буџет се издвојуваат и доделуваат на клубови со многу помалку забележливи резултати и без учество на натпревари во Европа. Дополнително на ваквата тешка ситуација, ниту бизнис заедницата не покажа доволен интерес да го поддржи нашето прво учество во европското натпреварување. Благодарност секако до малиот број компании, наши спонзори кои покажуваат општествена одговорност. Ние сепак, ќе се бориме достоинствено и ќе дадаме се од себе да го претставиме нашиот град и држава на најдобар можен начин“, велат од Наковски Волеј.

Со оглед на тоа што мечот во Острава беше закажан на 29 октомври, најверојатно ден подоцна ќе се одигра и вториот натпревар.

ПретходноЛШ полувреме: Шок за ПСВ во Ајндховен, без голови на „Сан Мамеш“
СледноМЗТ Скопје А. оствари и трета победа на подготвителните натпревари