Кошарката во една реченица: Клубовите должат над 200.000 евра, играчите не виделе плата од јануари…

615

✍ Марија Ковачева

Многу малку не дели од стартот на новата сезона во Првата лига. По завршување на седницата на Здружението на прволигашите едно е јасно – старите навики речиси никој не ги променил, а ниту ќе ги смени…

Ваучер системот дефинитивно ги направи клубовите комотни по прашањето – професионалност, врвно менаџирање со тимовите, придонес за развој на кошарката која полека но сигурно оди под дното, наместо во нагорна линија…

Како мечки во своите дувла ги преживуваат сите 12 месеци во годината, искрено ова е навреда за мечките како животни бидејќи тие сепак излагаат за да обезбедат храна за зимата која доаѓа.

Зошто го велам ова?

Долговите на клубовите и натаму не се расчистени. Играчите во дел од клубовите немаат видено плата со очи од јануари или феверуари…се должат пари на сите страни. Ама кога ќе се седне на маса за важни работи како да се подигне нивото на кошарката, тогаш големите клубови настапуваат на сцена со неважни теми заборавајќи колку од година во година го рушат реномето на клубот.

Новото раководство на КФСМ им дозволи на пет рати до јануари следната година да ги исплатат долговите по сите основи, нема да прави исклучок само за една работа, а тоа е лиценци за странски играчи.

Вкупниот долг на сите клубови во државата кон федерацијата е над 200.000 евра. За расчистување на истиот екипите потпишале договор, со кој се обврзуваат да расчистат се што должат во следните нецели четири месеци, во спротивно може да се збогуваат со настап во било кое натпреварување.

Што се однесува до лиценците за странски играчи, тие треба да се подмират до почетокот на сезоната, за Прва лига мажи тоа е 4-ти октомври, ако не ги уплатат средствата нема да имаат право да ги пријават засилувањата од надвор.

Трета точка која професионалните клубови во Македонија, кои играат во Прва лига, имаат проблем да уплатат 5.000 евра, средства кои ќе бидат наменети за официјалните лица (судии, делегати). Замислете на маса седат клубови со долга историја, и по постоење и по освоени трофеи. Па неспособноста на оние кои се поставени на чело на тимовите е измерена во 5.000 евра. Тука не треба ништо да се додаде, ниту да се одземе.

Според наши информации од Прва лига мажи само три екипи се чисти во поглед на долгови, Куманово, Пелистер, Феникс и Ангели, сето останато е заглавено во сопствените лавиринти.

И кога ќе се собере сето ова, а ќе се додаде дека прволигашите немаат обезбедено саглам сали и услови за тренирање, ние се прашуваме зошто кошарката го има допрено дното, зошто минатата година едвај чекавме да заврши финалето кое искрено беше тежок очобол во поглед на квалитет.

Ако КФСМ не попушти во својот став и не им дозволи на клубовите да прават циркус, во тој случај може да се надеваме дека ќе се стави некој ред, па „заспаните“ конечно ќе се разбудат.

ПретходноВидерер потврден за прв човек на ЕХФ, Марјан Начевски е член на Апелација
СледноФОТО НА КОЛОТО: Насмевката на Шкемби!