Откако вчера беа поразени на градското дерби со Атлетико (М) (5:2), во Реал Мадрид стигнуваат нови лоши вести. Десниот бек на „белите“, Даниел Карвахал, се повреди и ќе биде надвор од терените околу еден месец.
Тој имал болка во солеус мускулот на десната нога. Утрово шпанскиот интернационалец беше подложен на тестови кои ја потврдија повредата. Враќањето на шпанскиот интернационалец на теренот ќе зависи од прогресијата на неговата повреда, но овој вид повреда обично резултира со четиринеделно отсуство.
Карвахал вчера остана на теренот до 59-тата минута, кога беше заменет од Едуардо Камавинга.
Проблемот со кој се соочува тренерот Чаби Алонсо е уште посериозен, бидејќи и другиот десен бек во тимот, Трент Александар-Арнолд, е исто така повреден.