Продолжува доминацијата: МЗТ Скопје го освои осмиот Супер-Куп трофеј (ФОТО)

72

Супер-Куп трофејот кој го носи името на „Драган Василов-Цевка“ повторно му припадна на МЗТ Скопје. Актуелниот македонски првак славеше против Кожув со 71-65. Дуелот беше решен во последните две минути. На сцена настапија браќата Војдан и Дамјан Стојановски, а на нив се надодаде и Марин Петков.

За „сино-белите“ ова беше осми трофеј во ова натпреварување, додека седми по ред.

Гил со 16 поени беше прв стрелец, зад него беше Војдан Стојановски со 13 поени. На другата страна Прувис имаше 21 поен.

Интересен натпревар се одигра во СРЦ „Кале“, гевгеличани најавија дека оваа сезона ќе бидат незгоден противник. Првата четвртина ја доби Кожув беше подобар со 11-18, додека следниот период му припадна на МЗТ Скопје, кој на одморот поведе со минимални 33-31.

Неизвесноста продолжи и во третата четвртина во која минималното водство го имаше составот на Кожув, но до последните секунди кога Војдан Стојановски постигна тројка за 55-52 пред почетокот на решавачките десет минути. Веќе во следниот период беше плус пет (57-52), највисоко водство за актуелниот првак до овој дел од натпреварот.

Но, ова не беше гаранција за ситурна победа, зошто Кожув продолжи во ист ритам, да му пркоси на МЗТ Скопје. Квалитетот изостана во овие минути, повеќе се грешеше и имаше скромна реализација, отколку што видовме вистинска кошарка, она што со години недостасува на терените.

На нецели две минути до крајот, Дубински донесе минимални 61-62 како потврда дека победникот ќе биде решен во самиот финиш. Војдан Стојановски и Петков постигнаа важни поени за 66-62. Нешто подоцна на ова дуо се приклучи и Дамјан Стојановски, МЗТ Скопје дојде до клучна позитива од 70-64 за голема радост.

ПретходноКатар повторно домаќин на завршницата на Интерконтиненталниот Куп: ПСЖ го чека противникот во финалето!
СледноХаос на “Маракана“: Раднички до 90.минута имаше 0:1, ама Ц. Звезда сепак победи, Лука Станковски остана на клупата!