Столе Димитриевски, иако веќе втора сезона е во Валенсија, и тоа како има што да каже за Рајо Ваљекано, за тимот кој вечерва ја пречекува Шкендија во меч од 1.коло во лигашката фаза во Лигата на Конференции.
Македонскиот репрезентативен голман од 2018 до 2024 беше речиси шест сезони дел од тимот на Рајо со мала епизода во Химнастик. Столе во клубот од предградието на Мадрид се етаблира како еден од најдобрите голмани во Ла Лига во последните две сезони кога беше дека од Рајо.
И затоа Столе за “СпортСпорт“ има свој коментар за вечерашниот дуел меѓу Рајо и Шкендија.
“Ова е историски натпревар и за двете екипи. Мислам дека ќе биде една голема забава на стадионот. Познато е дека фановите на Рајо во текот на целиот меч не престануваат да го бодрат својот тим. Не е тајна дека шпанскиот тим ќе излезе на терен со висок притисок со големи напади. Едноставно овој тим е напаѓачки ориентиран. Инаку тренерот на Рајо изјави дка тие одат до крај, дека сакаат да ја освојат Лигата на Конференции, е сега до каде ќе стигнат ќе видиме, но амбицијата е да се пласираат во следната фаза и да дојдат до завршницата па и до пехарот“ истакнува Димитриевски.
Според нашиот голман Рајо е голем фаворит, игра фантастичен фудбал, а Шкендија ќе игра во една убава, фантастична атмосфера:
„Иако имаат само пет бода во досегашниот дел од сезоната во Ла Лига, секако јас ги следам нивните натпревари, играат фантастичен фудбал, како мечевите со Атлетико Мадри, со Севиља заслужија да победат, барем според мене како навивач на Рајо. Секако дека и вечерва против Шкендија ќе одат на победа. Јасно е дека Рајо е фаворит, а од друга страна сметам дека во Мадрид екипата на Шкендија ќе може да одигра еден одличен натпревар, пред одличен амбиент, одлична атмосфера.
Инаку мојот некогашен тим е еден од поинтересните во Ла Лига, и затоа сметам дека ова ќе биде фантастичен натпревар“ заклучи македонскиот репрезентативен голман.