Машкиот национален тим на четвртиот настап на еден континентален собир во низа нема да има нималку лесна задача откако ждрепката во Бари, ни донесе група во која покрај домаќинот Бугарија, ќе се соочиме и со Полска, Украина, Португалија и Израел.
Нималку лесно друштво, но селекторот Јошко Миленкоски смета дека мора да веруваме во нашиот квалитет.
„Сите групи се тешки, но нашата е убедливо најтешка! Сите репрезентации имаа одлични резултати на последното СП, додека Израел финишираше како трет во Златната Европска лига. Скоро сите противници завршија со смена на генерации и сега бркаат резултат. Многу сериозна работа ја чека нашата репрезентација. Првиот впечаток е дека ќе биде многу тешко да се повтори успехот од претходното Европско првенство, пласман во следната рунда, но од друга страна мора оптимистички да се гледа и да се верува во својот квалитет. Ова го велам затоа што имаме многу квалитетен состав, кој веќе по четвртипат во низа ќе учествува на една ваква манифестација. Верувам дека нашите играчи како и секогаш ќе ги потврдат своите вредности и ќе сторат сè, и по којзнае кој пат да ги израдуваат љубителите на спортот и одбојката во Македонија“, вели стратегот на националниот тим.
ЕвроВолеј 2026 ќе се игра во четири земји Италија, Бугарија, Финска и Романија од 9 до 26 септември следната година.