Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за претстојните натпревари од октомврискиот циклус на квалификациите за пласман на Европското првенство 2027 година.
На 10. октомври, во рамки на 3. коло, нашата селекција во Битола на стадионот „Петар Милошевски“ ќе ја пречека репрезентацијата на Ерменија, додека на 14. октомври во Тузи ќе гостува кај Црна Гора. Селекторот на нашата репрезентација, Горан Станиќ поради повреда нема да може да смета на двајца фудбалери, Мухамед Елмас од Македонија Ѓ.П. и Џезаир Авдули од Арсими.
Фудбалерот од средниот ред, Теодор Николовски верува дека тимот ќе биде максимално фокусиран на подготовките и натпреварите, смета дека концентрација во завршницата овојпат нема да недостасува.“
„Не очекуваат два тешки натпревари против Ерменија и Црна Гора. Максимално сме фокусирани и подготвени за претстојните предизвици. Се надевам дека ќе ги исполниме сите барања на селекторот и стручниот штаб и ќе оствариме позитивен резултат. На претходните два квалификациски меча, и покрај поразите, мислам дека не одигравме лошо. Имавме добри моменти и создадовме неколку сериозни прилики за погодок, но ни недостигаше повеќе концентрација во завршницата. Свесни сме каде погрешивме и верувам дека ќе ги поправиме грешките на следните натпревари.“
Кире Стојанов од АП Брера вели дека против Ерменија ја очекува првата победа. Потребна е позитивна резултатска низа за да останеме конкурентни во квалификациите.
„Очекувам да го дадеме максимумот на овие два натпревари и по двата порази да ја оствариме првата победа на домашен терен против селекцијата на Ерменија. Поразите од Полска и Италија беа големо искуство од кое извлековме важни поуки. Головите што ги примивме беа резултат на наши грешки. Одиме натпревар по натпревар и сакаме да освоиме што е можно повеќе бодови. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, работиме напорно и на високо ниво заедно со целиот стручен штаб.“