Кирил Лазаров, човекот кој остави неизбришлива трага во историјата на македонскиот, европскиот и светскиот ракомет, вечерва беше специјален гостин во Битола.
Во салата „Боро Чурлевски“, пред полни трибини и атмосфера каква што само Битола знае да создаде, Лазаров од лице место го следеше дуелот меѓу Пелистер и Барселона – двата клуба што обележаа различни етапи од неговата славна кариера.
Пелистер е тимот каде што започна неговата приказна, каде што првпат ја почувствува топката, тежината на големите очекувања и магијата на битолската публика. Барселона, пак, е местото каде што Лазаров ја допре ракометната совршеност и испиша страници што засекогаш ќе останат во историјата на овој спорт.
Пред натпреварот, каталонскиот гигант на својот официјален сајт со голема почит го претстави македонскиот првак, нагласувајќи дека Пелистер е клуб кој создава „бомбардери“ како Кирил Лазаров и дека зад него стојат страствени навивачи со огромна љубов кон ракометот.
Вечерва, Барселона можеше на лице место да ја почувствува таа енергија.