Второто коло од Европскиот клупски куп во шах, кој се одржува на грчкиот остров Родос, донесе убедлива победа од 6 : 0 за интернационалниот состав на ШК Алкалоид. Жртва на фармацевтите беа домашните шахисти од клубот Ипотитис Родос (Витезите од Родос), кои според просечниот рејтинг од 2.341 поен котираа во првата третина од стартната листа.
– Зад резултатот се крие многу интересен меч со одлична борба! На сите табли се играше храбро и борбено, со добро подготвени системи на отворања. На првите пет табли играа најдобрите млади грчки интернационалци, а на шестата нивниот тренер, кој е ветеран, со титула на Интернационален мајстор – реферираше капитенот на ШК Алкалоид ВМ Влатко Богдановски.
Мечот беше отворен со првата победа, која се случи на последната шеста табла, на која ВМ Абиманју Пураник (2.615) во шпанска партија оствари позициона надмоќ и го реши капитенот на противничкиот тим ИМ Панајотис Френѕас (2.179).
Освен на втората табла, на која ВМ Ји Веи се реши за еден мирен лондонски систем, на другите табли доминираа жестоките сицилијанки. Кинескиот велемајстор го доби теорискиот дуел, функционираше перфектно и стигна до цел поен против ИМ Евагелос Патрелакис (2.437).
Наспроти ова, на другите табли се играше до цајтнот. Најдолго траеше дуелот на првата плоча, на која ВМ Арјун Еригаиси (2.773) со црни фигури се соочи со младиот ИМ Димитрис Алексакис, кој има импозантен рејтинг од 2.548, што практично укажува на неговата неодамнешна промоција во велемајстор. Членот на ШК Алкалоид го вовлече противникот во густа шума, термин кој го користат шахистите за комплицирани и крајно нејасни ситуации, со неизвесни планови и системи на игра. Имаше ризик, многу трошење на време и борба што може да се анализира само со помош на компјутер по одигрувањето на партијата. Говорот на телото на противникот од грчкиот тим укажуваше на постепеното тонење во безизлез, а на крај, со ефектна комбинација, Еригаиси ја прокнижи првата победа на турнирот.
На третата и на четвртата табла ВМ Јангји Ју (2.720) и ВМ Читамбарам Аравинд (2.711) играа дуели за учебник, но противниците до последните минути од четвртиот саат го одржуваа отпорот, а мошне поучна беше и победата на ВМ Велимир Ивиќ (2.628) на петтата табла. Генералната оцена е дека сите успеаја да создадат предност, а потоа и да ја реализираат.
Ривалите на ШК Алкалоид денеска славеа победи од 5 : 1 во сите четири меча од првата петорка, но на табелата има дури 21 екипа со по четири бода од двете кола. Утре, во рамките на третото коло, противник на нашиот тим ќе му биде Шахфројнде од Германија, кој денеска славеше над вториот чешки тим Оаза Прага.
Мечевите започнуваат во 15 часот по грчко време, а заинтересираните ентузијасти имаат можност за следење на интернет-преносот преку официјалната страница www.eccc2025.com
ФОТО: Архива на ШК Алкалоид