Одбојкарите поразени и од Турција на ЕП 2021: Меч за заборав

134

ЕП 2021 – ГРУПА „Ц“ – 3. КОЛО

МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА 0:3 (22:25, 12:25, 15:25)


Иако се надевавме дека Турција е нашата шанса за прва победа на ова Европско првенство, македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и третиот пораз во групата „Ц“ на ЕП во Финска. Турците денеска ни одржаа лекција по модерна одбојка и практично не оставија без шанси да се надеваме на поволен исход. Од трите одиграни сета, еднствено првиот добива преодна оценка, а она што се случуваше во завршните два сета веројатно ќе биде предмет на дополнителна анализа.

Првиот сет го почнавме одлично. Рамноправно, поен за поен, се до завршницата. Имавме одлична игра на блокот која ни даде шанса да се бориме дури и за водство. Турците доминираа во нападот, но ние со играта во поле успевавме да се одржуваме во живот, иако Турција во завршните пет поени од сетот влезе со констатнтна предност од 2-3 поени. Ние успеваме да им се доближиме на само поен негатива (22:23) и имавме напад за израмнување, но откако не го искористивме, веќе беше јасно дека Турција нема да пропушти шанса за водство.

Вториот сет и не заслужува посебен коментар. Еден од најлошите кои Македонија го одиграла на меѓународната сцена. Ако не беа сервис-грешките на турската репрезентација, скоро и да немавме освоен поен во првиот дел од сетот. Потоа се обидовме да ги стабилизираме редовите, но и тоа тешко функционираше против силниот сервис на Турција. На крајот 25:12 за предност на противникот од 2:0.

Стартот на третиот сет веројатно беше и нашата најдобра игра на денешниот дуел. Водевме постојано се до 10:9, кога Турците почнаа со својата фантастична серија од 11:0 и повторно ја вратија сликата од она што се случуваше во вториот сет. Уште еден голем пад во нашата игра, која само го најави брзиот епилог на овој меч.

Маџунков и Н. Ѓорѓиев со по 7 поени беа нејдобри реализатори во нашата репрезентација, додека кај Турција Лагумџија реализираше 16 поени.

Нема многу време за „плачење“, затоа што утре го играме дуелот со Шпанија од кој зависи дали ќе избегаме од последното место во групата и ќе се избориме за подобар вкупен пласман на шампионатот.

фото: cev.eu

ПретходноАко потпише нов договор: Салах ќе стане најплатен фудбалер во историјата на Ливерпул
СледноЧиро Блажевиќ: Не се предавам, Словенците претераа!