Петта победа во низа за шахистите на ШК Алкалоид во петтата рунда од Европскиот клупски куп во шах, кој се одржува на грчкиот остров Родос, но овојпат над актуелниот европски првак Нови Бор од Чешка.
Минатата година македонскиот клуб имаше одличен настап без пораз во седумте кола, при што во два наврати ремизираше, но тоа не беше доволно за првото место. Еден од тие два нерешени меча беше токму со Нови Бор, кој потоа стана европски првак, а ШК Алкалоид го освои второто место. Победата од 4:2 извојувана во 5. коло ги отвора вратите за македонскиот клуб повторно да игра за медал и на ова 40. издание на турнирот, на кој ќе се круниса и новиот европски екипен шампион во шах.
„Големото дерби денеска привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и тоа навистина се случи. Наместо типичен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овојпат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти“, вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Арјун Еригаиси (2.773), кој е четврти на светската рејтинг-листа, прв повлече изненадувачка варијанта, со што партијата дојде во зона за решавање уште пред да се изиграат 15 потези. Винсент Кејмер (2.755) се обиде да го зароби противничкиот ловец на полето А8. Германскиот шахист игра во животна форма и беше полн со самодоверба, но Еригаиси направи диверзија: креираше ситуација на спротивната страна на таблата, а кога се расчисти маглата, противникот остана со загрозен крал, па победата за Еригаиси лебдеше во воздух.
Ји Веи (2.754) одигра суперподготвен – затворена руска одбрана и технички ги неутрализираше белите фигури на Сантош Гурјрати Видит (2.716). Иако ремизираа, партијата беше со голема тензија, а во еден момент беа одиграни дваесетина потези во две минути!
На третата и на четвртата табла се повторија дуелите од 2024, но играчите имаа спротивна боја на фигурите. Јангји Ју (2.720) се надигруваше со искусниот Пентала Харикришна (2.697), кој имаше подобрен рејтинг во однос на лани. Играчот на ШК Алкалоид му понуди жртва на фигура, но противникот ја одби. Кога сите контра-шанси на противникот беа соборени, црниот крал страдаше во далечна фаза, што беше втора победа за тимот на првите две-три табли.
Читамбарам Аравинд (2.711) со црни фигури против Давид Навара (2.656) одлучи да контрира со ризична модерна варијанта на сицилијанската одбрана. Притоа, жртвуваше пешак, потоа уште еден, а во завршницата влезе со голем ризик, но активноста му донесе заслужено реми.
Со големото водство остварено на повисоките плочи, потребно беше победата да се завери со дополнителен поен на последните табли. Велимир Ивиќ (2.628) се соочи со изненадувачка линија уште од четвртиот потег во дуелот со новиот играч во противничкиот тим, Нилс Гранделиус (2.645). Поради тоа потроши многу време и беше под закана од цајтнот, но остана да игра последен и прокнижи уште едно борбено реми. За разлика од него, Абиманју Пураник (2.615) играше во блага дефанзива со Давид Антон Гихаро (2.631), не западна во временски проблеми и со сигурна игра дојде до реми.
На вториот меч, во кој се сретнаа четвртиот и првиот носител на турнирот, СуперЧес и Бајеган Пендик, романскиот тим, исто така, извојува победа од 4 : 2 над фаворизираниот суперсостав од Турција, па во шестото коло ќе игра директен дуел со ШК Алкалоид, како единствени два тима со 10 бода, односно со стопроцентен успех во досегашниот дел на турнирот. На втората табла ќе играат двата тима кои имаат по 9 бода – Туркиш Ерлајнс и Нагиканижаи.














