КФСМ на својата официјална страница ги објави мерките и казните кои ги превзема за случувањата во изминатиот период со цел да гарантира регуларност на мечевите во сите категории, традиција или историја.
Во продолжение ви го пренесуваме целото известување од страна на раководството на КФСМ.
„Согласно Статутот на Кошаркарската федерација на Македонија, особено членовите 2, 13, 14, 17, 18 и 43, Федерацијата има јасна обврска и должност да ги почитува и спроведува сите свои акти, да обезбеди еднаков третман кон сите клубови и да гарантира целосна регуларност на натпреварите во сите категории – без разлика на нивниот ранг, историја или традиција.
Оваа обврска не е формална, туку суштинска. Таа претставува темел на кредибилитетот и угледот на македонската кошарка, која мора да се развива во фер и еднакви услови за сите учесници. Федерацијата, како институција од јавен интерес, има должност да постапува правично, доследно и непристрасно, и тоа ќе го прави во секоја ситуација.
Доследна примена на актите и одговорност за сите субјекти
Во изминатото, трето (3) коло и тековното, четврто (4) коло, од првенството во МТЕЛ Супер лигата – мажи беа евидентирани неколку пропусти што директно влијаеја врз регуларноста на натпреварите. Согласно Правилникот за натпреварување, Пропозициите за натпреварување и Дисциплинскиот правилник на КФМ, а врз основа на член 43 од Статутот, Федерацијата презеде конкретни мерки:
1. За грешката во последната минута од натпреварот КК „Кожув“ – КК „Гостивар“, санкционирани се судиите со забрана за вршење должност на 4, односно 2 натпревари, согласно членот 42.9.7 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
2. За грешката на натпреварот КК „Куманово“ – КК „Феникс“, делегатот е санкциониран со забрана за извршување функција на 4 натпревари, член 60.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
3. За натпреварот КК „Пелистер“ – КК „Маџари“, за делегатот ќе биде изречена истата мерка – забрана за вршење должност на 4 натпревари, член 60.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
4. За пропустот на КК „МЗТ Скопје“, при кој во игра бил вклучен играч кој не бил наведен на образецот NAT-1, покрај одговорноста на делегатот (60.1) ќе биде применета и мерката – службена регистрација на натпреварот (20:0 во корист на противникот), при што екипата на МЗТ Скопје нема да добие бод, членови 33.6 и 61.8 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги“.
Јасна порака до сите учесници во натпреварувањата
Овие мерки не претставуваат чин на казнување, туку на одговорност и принципиелност.
Федерацијата испраќа јасна порака – регуларноста нема компромис.
Никој не е над правилата: ниту судиите, ниту делегатите, ниту клубовите.
Секој што учествува во системот на натпреварување е должен да ги почитува актите, одлуките и процедурите.
Само така се гради фер средина и доверба во институциите.
Интегритетот е највисок спортски интерес
Кошарката е повеќе од резултат – таа е вредносен систем заснован на чесност, фер-плеј и почитување на правилата.
Кошаркарската федерација на Македонија ќе продолжи да ги спроведува своите акти доследно, транспарентно и без селективност, затоа што само така се чува угледот на спортот и се испраќа порака дека интегритетот не се преговара – се брани.“, стои во известувањето на КФСМ.










