Поради немирите што избувнаа во земјата, Колумбија е пред откажување на организацијата на Копа Америка. Земјата се најде во тежок период, а стотици приврзаници демонстрираа и пред седиштето на Колумбиската фудбалска федерација во Богота, барајќи да се откаже организацијата на првенството на Ј. Америка, каде Колумбија е ко-организатор со Аргентина.
„Топката не може да ја скрие политиката, ниту сцените на насилство што се одвиваат сега“, изјавил Џордан Сантијаго, водач на групата приврзаници на Жолтата треска.
„Ние навивачите сме уморни. Ќе им се придружиме на луѓето во барањето Копа Америка да не се одржи“, додаде тој.
Колумбија по вторпат во својата историја треба да биде домаќин на овој континентален турнир, прв организиран од две земји. Сепак, од 28 април, демонстрациите против владата беа грубо потиснати од безбедносните сили и оставија најмалку 42 мртви и над 1600 повредени.
Од своја страна, аргентинскиот претседател Алберто Фернандез увери дека неговата земја е подготвена да го организира турнирот и самостојно, но ќе ја чекаат одлуката на јужноамериканската конфедерација.