Од утре навечер, па во наредните десетина денови, следува првиот циклус од квалификациите за женскиот Евробаскет во 2027 година.
Нашата женска сениорска репрезентација, која е дел од групата „Ф“, во наредниот период, односно од 12. до 18. ноември, ќе одигра три натпревари.
Со оглед на краткиот период, стручниот штаб, предводен од селекторот Александар Ашаданов, испланираа мини-подготовки за она што следува веќе од среда попладне, односно првиот натпревар од евро-квалификациите, кога во Скопје ќе ни гостува репрезентацијата на Данска.
Селекторот Ашаданов ја закажа првата прозивка за понеделник, од 19.часот, а првиот тренинг ќе биде реализиран во салата на СРЦ „Кале“, каде ќе бидеме во улога на домаќини во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“.
Период во кој, освен дуелот со Данска, закажан за 12. ноември, со почеток од 17.часот, нашите најдобри кошаркарки ќе ги одмерат силите и со селекциите на Грција (на 15.ноември, исто така во Скопје), и на Хрватска (на 18.ноември, во Славонски Брод), кои се дел од оваа силна конкуренција во квалификациската група.
Согласно со планираните активности, сениорките ќе имаат уште два тренинзи на 11. ноември (вторник). Утринскиот е предвиден од 10.30 до 12.00 часот, а вечерниот од 19.15 до 20.45 часот.
Девојките ќе тренираат и на денот на одигрувањето на средбата со Данска, во ран, утрински термин, од 9. до 10.часот.
За овој квалификациски циклус, Ашаданов и неговите соработници одредија вкупно 16.кошаркарки:
1.Анџелика Митрашиновиќ (Фрибург-Швајцарија)
2.Илина Селцова (Серко Уни Ѓер-Унгарија)
3.Мерит Хемпе (Сарагоса-Шпанија)
4.Александра Стојановска (Неа Јониа-Грција)
5.Матеа Николиќ (Баскет Алкамо – Италија)
6.Тијана Митрева (Баскет Алкамо – Италија)
7. Милица Николиќ (Рас-Србија)
8. Ања Начевска (Мега-Србија)
9. Ивана Кметовска (Баскет Кам 2011)
10.Цветанка Димова (Баскет Кам 2011)
11.Михаела Алексовска (Крива Паланка)
12.Мартина Маркоска (Бадел 1862)
13.Ива Чолакоска (Бадел 1862)
14.Марија Николов (Бадел 1862)
15.Елена Тасевска (Вардар)
16.Јана Пислевска (Вардар)










