Македонија денеска ќе го дознае противникот во баражот за СП: Италија, Данска, Турција или Украина!

104
ФОТО: Фудбалска Репрезентација на Македонија/fb

Денеска во Цирих со почеток од 13 часот ќе се одржи ждрепката за баражите за пласман на СП 2026. Во барабаните ќе се најдат 16 селекции, а само четири од нив ќе се најдат на Мундијалот следното лето кое се одржува во Северна Америка.

Македонија е во четвртиот шешир, и има свои сметки и надежи, иако реално по тие 7:1 во Кардиф, атмосферата и тоа како да спласна.

Познато е како ќе се одвива ждрепката. Тие 16 репрезентации се поделени во четири шешири.

ПОТ-1: Италија, Данска, Турција, Украина

ПОТ-2: Полска, Велс, Чешка, Словачка

ПОТ-3: Р. Ирска, Албанија, БиХ, Косово

ПОТ-4: Романија, Шведска, Македонија, С. Ирска

Сите репрезентации ќе се најдат во четири групи, од секој ПОТ по една во таа една група.

На пример, да се паднат Италија, Чешка, Косово и Македонија во група 1.

И тогаш веднаш ќе се знае дека двојките се Италија – Македонија и Чешка – Косово со оглед на тоа дека играат репрезентациите од ПОТ 1 со ПОТ 4 и селекциите од ПОТ 2 со ПОТ 3. Домаќини во тие полуфиналиња се екипите од ПОТ 1 и ПОТ 2. Победниците потоа, на пример, Македонија и Косово, ќе играат во финалниот меч а домаќинот ќе биде одреден со ждрепка. Победникот од тој финален меч ќе се најде на Мундијалот.

Од ова произлегува дека Македонија ја делат две победи од остварување на сонот –  Пласман на СП. Полуфиналињата се закажани за 26 март а финалињата на 31 март.

Значи Македонија во полуфиналето ќе игра на гости против една од оние селекции во ПОТ 1, и тоа Италија, Данска, Турција или Украина.

Како што најавуваат од ФИФА, на ждрепката како асистенти ќе бидат и некогашните легендарни фудбалери Кристијан Карембу, Марко Матераци и Мартин Далин.

Нас ништо друго не ни преостанува само на нашата репрезентација да и посакаме што полесна ждрепка во полуфиналето, секако и победа, а и да имаме среќа во евентуалното финале да биде домаќини. И на крај пласман на Мундијалот.

Колку за потсетување, Македонија по вторпат ќе игра бараж за СП. Во минатиот за Мундијалот во Катар 2022, во полуфиналето на гости славевме кај Италија со голот на Трајковски во Палермо, а во финалето, исто на гости бевме поразени од Португалија во Порто.

Да си посакаме овојпат да имаме повеќе среќа.

ПретходноВест која долго се чекаше: Барса може да игра на “Камп Ноу“ и во ЛШ!
СледноНов трипл-дабл на Јокиќ, но Србинот не е ѕвездата, туку друг кошаркар на Денвер (ВИДЕО)