Кошаркарите на Гостивар вечерва приредија големо изненадување победувајќи го Пелистер во последниот натпревар од 8. коло во Првата лига. Гостиварчани пред своја публика славеја против Пелистер со 89:86 и ја прекинаа серијата од пет последователни порази. Ова беше и деби победа за новиот предводник на тимот, Александар Петровиќ.
Пелистер очигледно заморен од серијата настапи и на домашната и на европската сцена, вечерва потфрли и не успеа да дојде до планираните бодови. Гостите се мачеа цел натпревар, а особено лошо за нив беше првото полувреме во кое дозволија Гостивар да направи голема предност која подоцна се покажа и како решавачка (46:32).
Во вториот дел битолскиот тим се врати во ритам, но се чини немаше сили за комлетен пресврт. На една минута до крајот Гостивар влезе со предност од 88:80, Пелистер во самата завршница дојде до 89:86, но тоа беше се, за што имаше време.
За Гостивар ова е само втора сезонска победа, додека Пелистер го запиша вториот пораз. Вечерва најефикасен кај домашните беше Амерканецот Абрам со 22 поени, додека кај Пелистер Митревски постигна 23.










