Македонската кошаркарска репрезентација се подготвува за стартот на претквалификациите за пласман на ЕП 2027 година. Прв противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Азербејџан, дуелот се игра во четврток во СРЦ „Кале“.
За разлика од летоска, Македонија овој пат има посилен ростер, што пак дава голема надеж за успешен старт. Еден од поискусните во редовите на националниот тим, Адем Мекиќ го потенцира тој момент. Верува дека победнички ќе го отворат овој циклус.
„Како што е веќе познато за нас, секој циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична пред се тимска хемија, затоа што имаме спој на младост и искуство за разлика од летото. Имаме играч како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски… сигурно на хартија сме подобра екипа одошто бевме летото, пред се поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри прикажани мечеви на енергетски и тимски план и на позитивни резултати. Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков каде нема многу време за тактика, во овој циклус ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово затоа што тие играа претходно против нив се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ни ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни со нив“, изјави Мекиќ.










