Македонската репрезентација до 20 години е новосоздаден субјект во рамките на скалилата на Фудбалската федерација на Македонија. Новите раководни структури на федерацијата одлучија дека е потребно да се создаде ваква генерација која што ќе биде претходница за онаа У21 натпреварувачката генерација.
Па така, У20 генерацијата на чело со селекторот Александар Таневски в понеделник патува за Лихтенштајн каде што в среда го игра закажаниот пријателски натпревар со домаќинот.
Новитет овојпат за Македонија е играчот на швајцарски Лугано, Илија Масларов кој што за прв пат добива повик за нашиот национален тим.
Тоа е момче кое што е родено 02/01/2007 година и е дете на клубот од истоимениот град. Засега настапува претежно за вториот тим, каде што има полна минутажа.

Се работи за момче кое што е со потекло од Струмица. Тој во своето портфолио може да се пофали дека има петнаесетина настапи за младинските селекции на Швајцарија, а последно беше дел од У17 селекцијата. Вреди да се спомене дека за него ќе биде потребно да се промени спортскиот пасош затоа што има настапи на официјални мечеви. Според информациите на Спортспорт директна заслуга за доведувањето на Масларов во дресот на Македонија има Горан Пандев кој што активно е дел од новиот тим на ФФМ кој што работи на оваа „проблематика“.
Веќе напишавме дека за овој собир повика од Македонија добива и Сејдо Дураков, младинецот на Баерн Минхен, кој што во моментов настапува за Рот Вајс Ерфурт.










