27 години иста „песна“: Жално е да се игра, срамота е да се гледа!

67

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како човек што повеќе од 27 години го следи мак – фудбалот, просто не можам да се начудам како денеска се “изненадивме“ од се она што се случуваше во Кратово на денешниот меч меѓу Силекс и Арсими.

Комедии“,“Урнебесно“, „Жалосно“, “Страшно“… уште што не напишавме за тоа во какви катастрофални услови кај нас се игра фудбал и тоа оној прволигашки.

Велам 27 години зошто секој ноември во тие 27 години беше и е иста „песна“. Дожд, па кал, некогаш и снег и секогаш во финишот на есенскиот дел ние се „замараме“ со истите проблеми.

Па, не е можно речиси три децении некои работи да ни се повторуваат, одново и одново. Играчите на Силекс и Арсими беа да ги жалиш, а за нас беше срамота да се гледа цела нивна мака. Место фудбал, се играше “ватерполо“ или беше уште пострашно.

Нас, како држава, како спортски работници, како нација, едноставно и дефинитивно не не бива за овој прекрасен спорт. Како може поинаку да се протолкува фактот, а јас сум сведок, дека од ноември 1998 година па до ноември 2025, се е исто. Лоши терени во оваа фаза од годината, катастрофална инфраструктура, а и таму каде што се градеше се запусти зошто не знаеме или не сме доволно свесни дека тоа нешто треба да се одржува.

Ние се “смееме“ денеска на Кратово, а треба да плачеме зошто оваа држава потроши тешки милиони за Арената “Тодор Проески“ а теренот ни е за никаде. Селекторот Благоја Милевски и по последниот меч со Летонија во Скопје, си кажа што мисли за теренот. И не само сега, тоа го велат играчите, за гостите да не правиме муабет.

Ние не можеме теренот на нашиот најрепрезентативен спортски објект да го средиме, а сега бараме некаде во Кратово тој да бил идеален. Чудно.

Инаку Кратово е посебна приказна, таму никогаш, барем од октомври до април, теренот не бил како што треба. Тука своја улога има е местоположбата, потоа временските услови, ама нели Силекс е гигант, па нека направат терен со вештачка трева, па нека играат прволигашки фудбал.

И сега кој виновникот е или каде е вината?

Вината е во нас самите затоа што немаме идеја како треба некои работи да се поправат, како чекаме само од ФФМ да помогне или да ни направи терен, па потоа не знаеме да го одржуваме. Па и ФФМ не е буре без дно, без разлика на сета желба од нивна страна. Во неколку наврати теренот на Арената беше “пицикато“, само благодарение на ФФМ, а потоа по неколку недели катастрофа. Замислете, на Арената.

Во изминатите години се градеа терени, се реновираа, имаше желба, имаше можности, и тоа ќе потрае некој месец или година и повторно си тераме по старо. Не е за верување како на некои стадиони терените година – две се супер, а потоа катастрофа.

Еве кажете кој терен во Македонија е најдобриот, оној идеален, оној на кој и во ноември или декември може да се игра добар фудбал.

За мене дечките од Силекс и Арсими се херои, она што денеска требаше да го истрпат… се граничи со лудост.

Инаку лесно е да се каже, ајде да го одложиме. Е, ајде, ама што после од март натаму?

И онака едно коло сме во “минус“, со четвртфиналето во Купот сме во “минус“, па не може само да одложуваме. Не верувам дека ќе се “свестиме“, дека ќе ни дојде памет. Тоа го нема и повеќе од 27 години…

Ќе дојде и следниот ноември 2026, ќе дојде и ноември 2027 и пак ќе биде иста „песна“.

За мене лично клубовите, односно сопствениците на стадионите а со тоа и на терените, се најголеми виновници. Само тие. Ако немаш сила, ако не знаеш како, ако немаш пари да играш во ПМФЛ во едни нормални услови, тогаш не играј.

Зарем треба да се каже што значи добар терен! Значи добар фудбал, тоа значи добар млад играч, тоа значи квалитет, тоа значи бизнис.

Ама…на кого да му кажеш. Ние само се “молиме“ во финишот на есенскиот дел што помалку да врне дожд или ако може снегот да не “одмине“ до 15 декември.

Во Кратово денеска беше – Жално е да се игра, срамно е да се гледа.

Ама издржавме два часа…

И уште еднаш, секоја чест за момците од Силекс и Арсими.

П.С

Овој текст ќе го ставам во архива, за да следниот ноември 2026 година, повторно го пуштам. Исто ќе биде, верувајте.

ПретходноЧеде Јаневски не е веќе тренер на Красава!(ФОТО)