Деликатната економска состојба во Барселона, почна да се прелева и во кошаркарскиот клуб. Како што пишува денешен „АС“, проблемот со финансиите може да доведе Барса да остане и без првата кошаркарска ѕвезда во тимот, Никола Миротиќ, како што тоа се случи со Лео Меси во фудбалскиот состав.
Односот на релација Миротиќ – Лапорта е затегнат и преговорите за намалување на платата која играчите ќе мора да ја прифатат за клубот да продолжи да функционира се влезени во ќорсокак.
Како што дознава „АС“, Барселона се обидела да му ја намали платата, но Миротиќ енергично одбил такво нешто. Обновувањето на договорот од минатата година, што го остава во Барса до 2025 година може на крајот да биде и раскинат, ако не се постигне договор околу намалувањето на платата на играчот.