Енди Мареј сподели анегдота за својот краток тренерски ангажман со Новак Ѓоковиќ, признавајќи дека сè започнало на прилично „срамотен“ начин. Британецот, кој во ноември го изненади тенискиот свет преземајќи ја улогата тренер на својот долгогодишен ривал само неколку месеци по пензионирањето, откри дека уште првиот ден телото го издало.
„По тенискиот тренинг, неговиот кондициски тренер ми рече: Новак оди на долго, бавно трчање во паркот, сакаш ли да му се придружиш?’“, се присети Мари. „Помислив: О боже. Не сум трчал откако имав 25 години, на терен – да, но никогаш како дел од тренинг. Помислив: Ова ми е прв ден на работа, не можам да кажам не. Реков: Да, нема проблем“, изјави за The Tennis Podcast.
Тој призна дека не бил во завидна форма. „Имајте предвид дека не бев во посебна кондиција откако завршив со играње. Малку вежбав, но не премногу. Им го кажав тоа, а тие ми рекоа: Во ред е, ќе биде лесно трчање.“
Но, работите тргнале на лошо многу брзо.
„Новак трчаше околу 50 минути, имаше неколку угорници, но темпото беше многу бавно. По четири-пет минути добив грч во левата потколеница“, раскажа тој. „Помислив: О не, но не можев ништо да кажам – беше срамота. Ме болеше многу. Кога завршивме, му реков на тимот: Мора да ми помогнете“.
Најголемата грижа му била што ќе помисли Ѓоковиќ.
„Не сакав да му покажам дека некој со кого се натпреварував толку години, по пет минути едвај издржува на тренинг со него. Издржав, но беше прилично срамно за мене. Толку бавно, толку незгодно.“
Нивната соработка, која започна на Австралија опен каде што Ѓоковиќ стигна до полуфинале пред да се повлече поради повреда, траеше само шест месеци. Потоа следуваше тежок период за српскиот тенисер, со рани испаѓања на четири од петте следни турнири, па соработката беше спогодбено окончана во мај.










