Вечерва од 20.45 часот на Арената во Скопје нашата најдобра репрезентација ќе се сретне со Романија, во меч од 6.коло во квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022 година. Ова е последен дуел во септемврискиот квалификациски циклус,циклус во кој тргнавме со многу надежи и очекувања. Сепак, по двете ремија со Ерменија и Исланд се најдовме во ситуација вечерва да ни биде последната шанса за нешто големо во овие мундијалски квалификации.
Во случај на победа остануваме во „игра“ за тоа второ место, во случај да не победиме, е тогаш ќе треба да изнајдеме нови мотиви за тоа што ќе се случуа во октомври и ноември.
Во пресрет на натпреварот со Романија многу работи не ни одат на рака. Никогаш не сме победиле на 8 септември, на Денот на независноста. Никогаш досега Благоја Милевски, новиот селектор, не се радувал на победа.
Сепак, сепак…за се има првпат. Оваа репрезентација против Исланд пред три дена и тоа како покажа дека знае да игра, дека знае и тоа како добар фудбал да игра.
Па нека вечерва со мотив повеќе, па нели денеска го славиме роденденот на нашата Македонија, да победиме. Да покажеме дека не сме заборавиле да победуваме.
Против нас е и традицијата, кога станува збор за дуелите со Романија.
И време е сега сите тие бројки, истории, традиции да ги урнеме со една голема ПОБЕДА.
Имаме против себе ривал кој треба да се респектира, но и ривал од кого не треба да стравуваме.
И тој си има големи проблеми, десеткуван е, секако дека не може да го даде својот максимум. Ете ја нашата шанса.
Затоа кога играме дома, на својата Арена, пред своите фанови, на денот на роденденот на Македонија, ние се прашуваме. А кога ние се прашуваме, тогаш обично и победуваме.
Па, АЈДЕ МАКЕДОНИЈО….