Зошто Реал Мадрид нема да го купи Халанд? Перез е ладен и јасен!

77
ФОТО: Manchester City/FB

Ерлинг Халанд веќе долго се поврзува со Реал Мадрид, но се чини дека од тој трансфер нема да има ништо, барем не под сегашните услови. Претседателот на Реал, Флорентино Перез, смета дека откупната клаузула од 250 милиони евра за норвешкиот напаѓач е претерана, дури и доколку тие пари би се обезбедиле со продажба на Винисиус Жуниор, пренесуваат шпанските медиуми.

Наводно, првиот човек на Реал смета дека Норвежанецот, иако е „врвен центарфор“, не е „светска ѕвезда“ во полна смисла на зборот. Перез верува дека Халанд е играч кому му се потребни топки за да постигнува голови, но без дополнителниот квалитет што го поседува Килијан Мбапе. Според него, Французинот, за разлика од Халанд, има способност сам да создаде шанса за гол и притоа да помине неколку противнички играчи.

Поради таквиот став, кога посредници неодамна се обиделе да го испитаат интересот на Реал Мадрид за Халанд, одговорот од клубот бил ладен и јасен. Флорентино Перез смета дека сумата од 250 милиони евра, колку што наводно изнесува откупната клаузула за предвремено заминување од Манчестер Сити, е едноставно превисока. Договорот на Халанд со англискиот клуб, по последното продолжување, важи до јуни 2034 година, а Реал Мадрид под водство на Перез нема намера да плати толкава сума.

Летото 2026 година ќе биде клучно во канцелариите на „Сантијаго Бернабеу“, пред сè поради преговорите околу новиот договор на Винисиус. Доколку Бразилецот не ги прифати понудените услови, ќе биде ставен на трансфер-листа. Многумина се прашуваат дали евентуалната продажба на Винисиус би можела да го промени ставот на Перез за Халанд.

Во овој момент, се чини дека клубот би можел да одлучи парите од продажбата да не ги вложи во Норвежанецот, туку да се потпре на постојните сили, вклучувајќи го и враќањето на Ендрик, кој во Лион има можност да се докаже во европскиот фудбал.

ПретходноВеселин Вујовиќ со луд предлог: Два гола со еден шут? (ВИДЕО)
СледноДончиќ за ова доби техничка, погледнете ја реакцијата на Дурент (ВИДЕО)