Петар Мијалков со пријателите израдува стотици деца: Дедо Мраз на две тркала стигна во Штип

36

Во време кога вистинските вредности сè почесто се губат во брзото секојдневие, постојат луѓе кои со своите дела нè потсетуваат што значи да се биде голем – не само како спортист, туку и како човек. Таков пример е нашиот успешен мотоциклист и европски шампион Петар Мијалков.

Петар заедно со своите пријатели уште еднаш го покажа своето големо срце. Со моторите, кои за него не се само спорт и страст туку и средство за радост, тие ги посетија трите институции во Штип: Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Ново Село и Дневниот центар за деца со аутизам.

Со насмевки, внимание и искрена топлина, на дечињата им подарија новогодишни пакетчиња и незаборавни моменти. Оваа хумана мисија не е случајност – напротив, таа е традиција што Петар и неговите пријатели ја негуваат веќе четврта година по ред, покажувајќи дека успехот има вистинска вредност само кога се споделува со другите.

https://www.instagram.com/p/DSuWV-uCpB2/

Хуманата приказна продолжи и во саботата, кога Штип живееше во празничен дух. На едносмерната улица Ванчо Прке, попозната како „Шеталиште“, се одржа настанот „Дедо Мраз на две тркала“. Со почеток во 14:30 часот, околу 30 учесници успеаја да израдуваат над 500 деца, подарувајќи им пакетчиња, насмевки и радост што долго ќе се памети.

Мијалков на настанот беше присутен заедно со својот син Драган, испраќајќи силна порака – дека хуманоста, солидарноста и љубовта кон другите се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација. Штип може да се гордее што има ваков човек – спортист, татко и хуманист, кој инспирира и обединува.

ПретходноОд Њујорк до Скопје: Развој на млади кошаркарски таленти  
СледноСуперкупот на Италија од следната сезона ќе функционира поинаку