Аларов: Не играме со калкулатор, туку со карактер, желба и верба во себе!

283

Часови не делат од последниот меч на македонската ракометна репрезентација во групната фаза на Европското првенство, противник е Романија. Прва победа на овој шампионат ќе значи отворени порти кон Мундијалот до година, а нешто повеќе од убедлив триумф и голема услуга од Данска ќе значи главна рунда.

Од нашиот табор веќе неколку пати напоменаа дека математиките ги оставаат на страна, за нив најважно ќе биде да излезат на теренот и да дојдат до целиот плен. И самите видоа дека можат да се носат со големи репрезентации, без штедење и со максимална битка ќе се борат и денеска.

„Против Португалија воопшто не се оптоварувавме со семафорот. На теренот излеговме како еден тим, со борбеност покажавме дека Македонија може да се носи со најсилните европски селекции.

Не играме со калкулатор, туку со карактер, желба и верба во себе. И токму тоа треба да не води напред.  Не размислуваме за математики и сценарија. Нашата единствена цел е јасна: да дадеме сè од себе до последната секунда, без штедење, со максимална енергија и концентрација. Знаеме што значи да се носи дресот на Македонија и токму тоа нè обврзува секогаш да го вадиме најдоброто од нас.

Романија не е противник за потценување. Тоа е селекција која, исто како и ние, дојде на Европско првенство со амбиции и желба за победа. Никој не е тука случајно – секој тим го заслужил своето место. Затоа нè очекува уште една тешка, физички и ментална битка, во која мора да бидеме максимално фокусирани. Ќе се бориме до крај. За дресот, за тимот и за Македонија“, изјави Михаил Аларов.

Мечот меѓу Македонија и Романија е закажан со почеток во 18 часот.

ПретходноБернардо Силва си оди од Манчестер Сити, Барса го убедува да дојде на „Камп Ноу“
СледноШаиб е победничка на денешниот велеслалом