Интервју со Милијана Рељиќ: Тоа што мора да се докажуваме двојно повеќе ми претставува посебна мотивација

89

Сашо Кузмановски

Македонија ја има Мила, а таа ја има љубовта кон таеквондото. Таа меѓусебна поврзаност ја однесе на една, а на пат е и втората Олимпијада со посебна цел – напад на олимписки медал.

Македонската таеквондистката Милијана Рељиќ, со почетокот на оваа година и официјално тргна да ја исполни својата мисија – пат за Лос Анѓелес и втор настап на завршницата на најголемите светски спортски собири – Олимписките игри 2028. Изгледа прилично далеку, но битката за „олимписки билет“ почнува уште сега, а резултатите во следните години ќе бидат единственото мерило за добивање „виза“ за САД. Ентузијазмот и оптимизмот кој ја краси, се доволна гаранција дека Мила има сигурен план за успех.

Најдобрата спортиска за 2025 година во изборот на МОК, во „Женски Спортски Приказни“ раскажува за почетоците, но и со предизвиците со кои се соочува.

🎯Мила, честитки за успешно завршената 2025 година. Како стартуваше новата година по успешната 2025?

„Новата година ја започнувам мотивирано и со јасна цел. Успесите од 2025 ми дадоа дополнителна самодоверба и мотив за уште повеќе. Секој нов почеток го гледам како можност за напредок“.

🎯 Како и кога започна љубовта кон таеквондото?

„Љубовта кон таеквондото започна уште на рана возраст, сосема спонтано. Како малечка бев многу буцкасто детенце и моите родители поради тоа сакаа да се занимавам со некој спорт. Во основното училиште каде што учев имаше само таеквондо и играорна, и така моите родители се одлучија да почнам со таеквондо. Со текот на времето, спортот стана дел од мојот карактер, борбениот дух и желбата за постојано надминување беа клучни причини да му се посветам професионално“.

🎯Дали сметаш дека женските спортисти добиваат еднаква поддршка, медиумско внимание и финансиски услови како машките спортисти?

„Иако има напредок, сè уште не можеме да зборуваме за целосна еднаквост. Женските спортисти често добиваат помалку медиумско внимание и финансиска поддршка, иако резултатите многу често се на исто или повисоко ниво“.

🎯Со какви предизвици се соочува една таеквондистка во Македонија?

„Предизвиците се бројни од немање на финансиски услови, ограничени ресурси, до недоволна институционална поддршка. Сепак, најголемиот предизвик е да се остане истраен и фокусиран и покрај тие ограничувања“.

🎯Колку поддршката од семејството, тренерите и федерацијата е важна за развој на еден спортист?

„Поддршката од семејството, тренерите и федерацијата е клучна. Без нивната вера и поддршка, патот е многу потежок. Тие се столбот кој те држи стабилен и во најтешките моменти“.

🎯Ако треба да опишеш еден твој типичен тренинг ден во период на подготовки за големо натпреварување, како би изгледал?

„Во период на подготовки, денот е навистина строго структуиран. Обично вклучува два тренинзи дневно каде што наутро работам физичка подготовка, а вечерните тренизни се планирани за техничко тактичка работа, спаринзи и фокусари. Ментална подготовка е исто така многу важна. После тренинзите посветувам и голем дел на рекуперацијта затоа што токму во периодот на одмор телото се обновува, зајакнува и напредува“.

🎯Настапот на Олимписките Игри е веројатно круната на кариерата, но има ли некој меч или турнир кој оставил толку силен впечаток што не се заборава и покрај настапите на ЛОИ?

„Настапот на Олимписките Игри засекогаш ќе ми биде мојот најдраг, чувство што не се опишува со зборови“.

🎯Со какви стереотипи или предрасуди најчесто се соочуваат жените во професионалниот спорт и дали имаш впечаток дека тие се поизразени кај нас?

„Жените во боречките спортови често се соочуваат со предрасуди дека тие не се женствени или дека спортот е премногу груб за нив. Кај нас тие стереотипи сè уште се присутни, но полека се менуваат.

🎯Дали чувствуваш дека жените мораат да вложат повеќе труд за да добијат еднакво признание за успесите во спортот?

„За жал, да. Жените често мораат да се докажуваат двојно повеќе за да добијат исто признание. Тоа е реалност, но и дополнителна мотивација“.

🎯Како млада девојка која сигурно има и други афинитети надвор од теренот за борба, како се справуваш со притисокот и очекувањата пред важни натпревари и како го правиш балансот меѓу подготовки, дружење, натпревари?

„Притисокот е составен дел од спортот. Се трудам да останам фокусирана, да имам добра организација и да си дозволам моменти за одмор и блиски луѓе, бидејќи и менталниот мир е дел од успехот“.

 

🎯Краткорочни и долгорочни цели?

„Краткорочно, целта ми е континуитет во резултатите и добри настапи на големите натпреварувања. Долгорочно, сакам да оставам трага, не само преку медали, туку и како пример за младите спортисти“.

🎯Коментар за однесувањето на медиумите во промоцијата на женскиот спорт и каде гледате простор за напредок?

„Медиумите имаат огромна улога во промоцијата на женскиот спорт. Има простор за напредок, особено во континуирано следење, а не само кога ќе се постигне голем успех“.

🎯Што би им порачала на младите девојки во Македонија кои сакаат да започнат со таеквондо или друг боречки спорт?

„Да веруваат во себе и да не се плашат да влезат во боречки спорт. Таеквондото не гради само силно тело, туку и силен карактер. Со труд, дисциплина и верба, сè е возможно“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноГладијаторска битка во Мелбурн со среќен крај за Алкараз
СледноКФСМ ги потврди најавите на СпортСпорт: Ѓорѓи Кочов е дел од стручниот штаб на Шпанецот!