Вечерва во Гостивар во првиот меч од 13.коло во нашата елитна кошаркарска лига, истоимнениот тим убедливо го совлада составот на Ангели со 94:65.
Ова беше дерби на дното ако се знае дека овие две екипи пред мечот се наоѓаа на двете последни места на табелата.
Гостивар подобро го отвори овој меч, имаше предност и првата четвртина ја заврши со +11 поени разлика. Во вториот период гостите одиграа далеку подобро, ако се смета само овој период тоа беше речиси резултатски егал, и Ангели ја загубија оваа четвртина само со -1 поен.
Но затоа третата четвртина Гостивар одигра многу подобро како во одбраната така и во нападот, постигна 24 поени а прими само шест.
И тогаш беше јасно дека Ангели ќе претрпат висок пораз на ова гостување без разлика што во последната фаза од овој меч одиграа добро или пак Гостивар овие минути не се напрегаше премногу зошто очигледно беше дека победата е осигурана.
Ова беше третата победа на Гостивар, додека Ангели го претрпеа дванаесетиот пораз.
Што се однесува до стрелците, Тодоровски со 22 поени кај домашните беше најефикасен, додека кај гостите се истакна Рубин Стефанов со 17 поени.










