Русија се враќа во светскиот фудбал? Инфантино: Забраната не постигна ништо!

116

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, најави дека руските фудбалски клубови и репрезентацијата на Русија наскоро би можеле да се вратат на најголемата сцена. Инфантино во разговор за Sky Sports го поддржа повторното вклучување на Русија во натпреварувањата и повика на прекин на четиригодишната суспензија на земјата од меѓународните натпревари.

ФИФА ѝ забрани на Русија учество на меѓународни натпреварувања по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Поради тоа, Русија беше исфрлена од Светското првенство во Катар и не беше дел од квалификациите за изданието во 2026 година, кое летово ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Инфантино изјави дека забраната била залудна и дека неговата прва желба е враќање на младинските руски репрезентации.

„Мораме да го разгледаме враќањето на Русија, дефинитивно, бидејќи оваа забрана не постигна ништо. Таа само создаде повеќе фрустрација и омраза“, изјави Инфантино.
„Би помогнало девојчињата и момчињата од Русија повторно да можат да играат фудбалски натпревари во други делови од Европа“, додаде тој.

Инфантино нагласи дека безрезервно се противи на забрани и дека ФИФА треба „во своите статути да вгради правило дека всушност никогаш не би требало да ѝ забрани на ниту една земја да игра фудбал поради постапките на нејзините политички лидери“.

ПретходноМОК со став: Постапуваме според насоките на анти-допинг организацијата
СледноСелекторот на Хрватска во елемент – зема гитара и направи „фешта“ (ВИДЕО)