Вардар покажа шампионски сјај: „Црвено-црна“ доминација (ФОТО+ВИДЕО)

547

Фудбалерите на Вардар покажаа дека шампионскиот ритам во кој ја поминаа цела есен, продолжува и оваа пролет. Во првиот настап во пролетната полуетапа, „црвено-црните“ го прегазија Арсими на теренот на ФФМ со 5:1 и го потврдија статусот на прв фаворит за шампионската титула.

Избраниците на Гоце Седлоски на оваа средба демонстрираа посебен квалитет, особено со присуството на новите засилувања кои успеаја да ја затресат мрежата на противникот. Новото лево крило на Вардар и заменик за Мато, Стефан Цветковиќ, успеа да го отвори резултатот уште по само 5 минути игра.

 

Повратникот Бобан Николов зголеми на 2:0 во 20. минута, додека уште еден повратник во црвено-црниот дрес, Дарко Велковски во 34. минута погоди и за 3:0.

 

Убедливите 4:0 во првиот дел ги постави Босанчиќ по една голема грешка на гостинската одбрана во 42. минута.

 

Во вториот дел се чини и немаше премногу форсирање од страна на домашните. Сепак, високата и убедлива победа ја запечати Азер Омерагиќ со гол со глава во 70. минута. До крајот видовме и еден несмасен потег на вардаровиот голман Талески кој направи пенал во 92. минута.

Ударот од белата точка Цуцули го претвори во гол за конечни 5:1.

 

Вардар со оваа победа останува лидер на табелата со 4 бода предност пред Струга ТЛ и шест пред шампионот Шкендија.

Претходно„Вардарки“ последен патник во осминафиналето од Купот на ОФМ 2026
СледноТФТ очекува реприза, Феникс 2010 има амбиции за финале