ПМФЛ: Без победник во Струмица, по бод за Брера и Македонија ЃП!

137
ФОТО:facebook.com/fkakademijapandev

Во меч од 17.коло или прво пролетно во тековната 2025/26 сезона, попладнево во Струмица, Брера и Македонија ЃП одиграа 1:1.

Интересен па и квалитетен меч за наши услови.Брера беше подобра во првата фаза од средбата, до водството од 1:0 преку Петровиќ, но потоа “лавовите“ се разиграа, дојдоа до 1:1, имаа и шанси за победа, но последните дваесетин минути ги одиграа со играч помалку.

Ова беше битка на две екипи кои се борат за опстанок.

Почетните минути на овој меч не ветуваа ништо, но затоа деби – голот на домашниот фудбалер Леонардо Петровиќ за 1:0 за Брера и тоа како ги „размрда“ работите на овој меч. Во продолжение од средбата фудбалерите на Македонија ЃП беа поактивни, имаа повеќе од играта а имаа и шанси на тешкиот терен за игра во Струмица.

Во 38.минута Софијановски израмни, но ВАР го поништи тој гол поради играње со рака на гостинскиот фудбалер. Следуваа шансите на Еступињан, Гереро, шутот на Стојчевски и шансата на Џангаровски. И конечно гол, и тоа по глупоста на Луковиќ кој како во ракометот си играше со рака и тоа беше пенал за гостите. Пецов ја презеде одговорноста, шутираше, но Вргов одбрани а на одбиената топка натрча пак Пецов, но пред него реагираше Ивановски и си даде автогол за 1:1.

Во второто полувреме доминација на “лавовите“, барем во првата фаза од второто полувреме. Во 55.минута Велков играше со рака, гостите бараа пенал, но тој беше во пад и судијата Доне Ристовски со ВАР собата одлучи дека тука нема пенал за гостите. Неколку минути подоцна “лавовите“ можеа да дојдат до 1:2, но шутот на Џангаровски го одбрани домашниот голман Вргов.

Се играше 69.минута кога Ричков играше крајно опасно врз еден домашен фудбалер и јасно беше дека тоа е црвен картон, па така гостите останаа со играч помалку на теренот.

Интересно беше тоа што Брера иако имаше играч повеќе во поле, тоа како да не се почуствува на теренот. “Лавовите“ со многу трчање го надополнуваа тоа.

ПретходноАна Цветановска настапи на ЗОИ, го освои 105-место во спринтот на 10 километри!
СледноПолувреме: Булатовиќ – Работнички 2:1 во Битола!