Капитенот на кадетската, јуниорската и младинска репрезентација на Македонија и доскорешен лидер на МЗТ Скопје УНИ Банка, Дарио Митевски (19 год, 190 см), денеска и официјално е „прекомандуван“ во првиот тим на МЗТ Скопје Аеродром, со кој потпиша нов четиригодишен договор со важност до крајот на сезоната 2024/25. Митевски е дете на МЗТ Скопје Аеродром, каде што ги направи првите кошаркарски чекори уште на 13 годишна возраст и кој се очекува да биде светла иднина и еден од следните лидери на на МЗТ Скопје.
Талентираниот плејмејкер веќе се аклиматизира во првиот тим, каде што се очекува да добие шанса веќе и во претстојната сезона, како опција за организирање на играта заедно со Американецот Дастин Вер и репрезентативецот Кристијан Николов, кои истовремено ќе бидат негови ментори во обидот што побрзо да дојде до највисокото можно ниво.