ГРК Охрид веќе на големо гледа кон пласманот во 1/4 финале во ЕХФ Европскиот Куп. Македонскиот тим на првиот осминафинален натпревар на домашен терен славеше со 30-21 против Дукла Прага. Оваа позитива треба да биде доволна за да избраниците на тренерот Борис Ројевиќ на вториот меч стават печат на пласманот во четвртфиналето.
Ѓукиќ со осум и Иванковиќ со седум гола беа лидери во редовите на ГРК Охрид.
Охриѓани победата ја обезбедија во првото полувреме, отворија со 10-2, некаде пред одморот водеа и со плус девет 15-6 и 16-7. После 30. минути игра резултатот беше 16-9.
Ништо не се промени ниту после одморот, ГРК Охрид доминираше на теренот, со головите на Ојлески и Иванковиќ, дојде до првата двоцифрена предност (25-15). До крајот македонскиот тим ја имаше рутинската задача.
Реваншот е закажан за седум дена, поточно на 21. овој месец.










