Ѓорѓи Кочов се врати во македонскиот сениорски национален тим. Овој пат во улога на асистент во стручниот штаб на новиот селектор Хозе Мариа Берокал. За новиот предизвик, Кочов вети многу работа и задоволство што ќе има шанса повторно да помогне во репрезентацијата, но истовремено да го пренесе своето искуство на домашните тренери.
„Чест ми е и задоволство што сум повторно во стручниот штаб на Македонија. За се треба време, ама има само еден начин да станеш подобар, тоа е да тренираш.
Понудата од федерацијата ја прифатив затоа што мислам и сметам дека треба тоа што сум го стекнал надвор како искуство, да го пренесам на нашите домашни играчи.
Да помогнам на некои тренери што немаат можност многу да видат како се работи надцор и тренира и мислам дека со промена на тренингот и пристапот, сите заедно може да направиме нешто и да промениме.
Знаеме во моментов во каква ситуација е клупската кошарка, а репрезентативната е одлика на клупската. За наша земја, мала земја како Македонија, ние тренерите мораме да се потрудиме да бидеме на највисоко ниво што можеме. Да дадеме најдобри можни услови за играчите за да очекуваме некаков напредок. Ако не успееме тоа да го направиме, не може да очекуваме резултат. Јас по природа сум позитивен, но зборувам објективно. Во последните пет години доволно ја пратам македонската кошарка“, смета Кочов, кој во последните сезони е асистент во германскиот бундеслигаш Кемниц.
Македонската кошаркарска репрезентација во петок во салата „Градски Парк“ ја пречекува репрезентацијата на Луксембург во рамките на претквалификациите за пласман на ЕП 2026.










