Грациозност, елеганција, талент и неверојатна желба за успех – Исидора Исјановски, нашата најдобра јуниорка во уметничко лизгање!

119
Фото: Архива на Исидора Исјановски

Зоран Ѓоршоски

Уметничкото лизгање во Македонија нема некоја посебна традиција, немаме историја поврзана со овој прекрасен спорт, кој како што велат, тие што се разбираат е еден од најтешките спортови. Македонија за жал, нема свое лизгалиште на кое ќе се тренира цела година, имаме само едно отворено “Борис Трајковски“ и тоа во Скопје и тоа “работи“ само три месеци во зимската сезона. Токму затоа е тешко да се дојде до некој значаен успех во спортовите кои се “врзани“ со ваков вид на инфраструктура.

Сепак, Македонија ја има Исидора Исјановски, нашата најдобра јуниорка во уметничко лизгање.

Во редовната рубрика „Женски спортски приказни“ специјално за нашите читатели ова е приказната за младата, храбрата, одважната, талентираната, неверојатно упорната Исидора, која има само 16 и плени со својата грациозност и елеганција кога е на мразот.

Приказната почнува пред повеќе од една деценија, кога Исидора имаше само 5 години. Започна сосема неочекувано кога во лифт се сретнува со тогашната тренерка по уметничко лизгање Ксенија Јештенски. Оттогаш, се роди љубовта кон овој комплексен спорт и го тренира веќе 12-та сезона, спорт кој претставува комбинација на прецизна спортска техника на скокови, пируети и чекори, танцови движења, балет, кондиција, креативно и емоционално изразување.

“Многумина ме прашуваат зошто уметничко лизгање? Одговорот е едноставен. На почеток љубопитност, и не може поинаку со само пет години, а потоа и љубов кон овој фантастичен и тежок спорт. Таква сум по карактер, сакам предизвици, сакам да си се докажувам. Сакам да дополнам дека немам страв кога сум на мразот или трема кога треба да изведам некој потежок елемент. Секако дека не секогаш тоа е успешно, но ако не се обидеш, тогаш не ќе знаеш каде ти се границите или можностите, а потоа низ тренинзи и работа грешките ги поправаш“ вели Исидора.

Фото: Архива Исидора Исјановски

Инаку таа на почетокот од ова интервју или приказна има посебна порака:

„Би сакала да ги мотивирам младите да се занимаваат со овој прекрасен спорт, кој нè учи на дисциплина, истрајност и храброст да се соочиме со најсложените предизвици. Уметничкото лизгање нè потсетува дека без разлика колку пати ќе паднеме на мразот, секогаш можеме повторно да станеме посилни, похрабри и со уште поголема решителност. Токму така е и во животот“ вели Исидора и дополнува…

“Падовите не се крај, туку лекција. Секоја грешка нè гради, секој предизвик нè обликува, а секое повторно станување нè прави посилни личности. Зашто вистинската победа не е во тоа никогаш да не паднеме, туку секогаш да најдеме сила повторно да се исправиме и да продолжиме со крената глава. Кога сум на мразот, чувствувам слобода и сигурност. Знам дека таму припаѓам. Секој скок, секоја пруета и секој чекор се резултат на долгогодишна работа, дисциплина и многу откажувања. Кога на натпревар ќе го завршам настапот, онака како што сум го замислила, чувствувам длабоко задоволство и мир — тогаш знам дека напорната работа имала смисла и дека достојно сум ја претставила мојата држава,“посочува нашата хероина од денешната приказна.

УСПЕСИ, РЕЗУЛТАТИ И ДОСТИГНУВАЊА

До моментов Исидора има настапено на 28 натпреварувања и меѓуклубски натпревари, од кои 13 се меѓународни натпревари (ISU) International Skating Union со европски критериуми “European Criterium competition tournaments” на кои ја претставува нашата земја и 3 државни натпревари на кои е шампион во 2025 и вицешампион за 2024 во категорија јуниорки, национален првак во младинки за 2023 година.

„Можам да кажам дека со оглед на условите кои ги имам овде кај нас, задоволна сум од тоа што досега сум успеала да го остварам, ама искрено не до крај. Сметам дека имам сила и знаење за повеќе, знам дека само со работа, многу работа можам да се натпреварувам со останатите на меѓународните натпреварувања. Тоа и го правам. Кога ќе започне музиката и ќе застанам во центарот на лизгалиштето, тоа е моментот кога целиот труд се става на тест. Притисокот е присутен, но научив да го претворам во концентрација и енергија. Во тие минути постојат само јас, мразот и приказната што ја раскажувам преку движењето.“

Се разбира дека Исидора има и свои желби за во иднина:

„Мојата желба е да ја претставувам нашата земја на светското јуниорско првенство, ИСУ Јуниор Гранд Прих (International Skating Union, Junior Grand Prix). Ова натпреварување го организира Меѓународната федерација за уметничко лизгање (ISU – International Skating Union), како меѓународна серија на натпревари во уметничко лизгање за јуниори од целиот свет. “

Кога се нема услови за тренинг во Македонија, таа во останатиот дел од годината посетува и кампови во околните држави. Во лето Исидора посетува кампови по уметничко лизгање во  Цеље и Залог во Словенија, Кранево и Софија во Бугарија, Загреб, Прага, итн. На овие кампови има можност да учи од искусни тренери по уметничко лизгање со олимписко искуство. На пример, на три кампови имаше можност да учи од Јорик Хендрихс, кој е тренер на Лоена Хендрихс, вице-шампионка на Европа.

Потребата од затворено лизгалиште на кое би имало можност да се тренира минимум 10 месеци е повеќе од неопходна во нашата земја. Во Кранево, на пример, постои затворено лизгалиште како дел од хотелски комплекс кое работи во текот на целата година.

„Има интересни моменти на тие кампови кои сакам да ги споделам. Имено таму јас гледам да го искористам секој момент, секоја секунда од мојот престој, зошто знам дека кога ќе се вратам во Скопје нема каде да тренирам и морам да тренирам скокови на бетон. Додека останатите спортисти од другите држави и не се заангажирани премногу, зошто знаат дека кога ќе завршат со кампот, се враќаат дома на тренинг на мраз. Тоа е таа нивна предност. Инаку кога сме веќе кај камповите, а за се она што досега го сториле за мене сакам искрено да им се заблагодарам на моите родители кои прават се што можат да ми овозможат да се натпреварувам, да бидам дел од тие кампови, како и да се занимавам со овој тежок, но прекрасен спорт“ искрена е Исидора.

ПРВЕНКА НА МАКЕДОНИЈА И ВО АТЛЕТИКА

Со цел да ја одржи кондицијата која е потребна за уметничкото лизгање,  во периодот без мраз, Исидора тренира атлетика, и постигнува забележителни резултати. Исидора е осумкратен национален шампион во атлетика на 1000м, 1500м, 3000м, трикратен национален вицешампион на 600м и 1500м и трикратен национален бронзен медалист на 1000м и 1500м. На 13 годишна возраст, преку атлетската федерација учествувала на Европски натпревар под 20 години “European Road Race under 20-Trofeo Opitergium”. Road Race U20/ 5km во Oderzo, Italy.

„Член сум на АККА клубот на Кокан Ајановски. Ја сакам и атлетиката, но сепак мразот и уметничкото лизгање ми се  приоритет и на прво место. Атлетика тренирам само како подготовка за тоа што следува во уметничкото лизгање. Порано сум тренирала и други спортови, како пливање, тенис, одбојка, но не се пронајдов таму, кога ќе излезам на мразот, како што реков, јас сум таа Исидора. Да додадам дека секој спорт, а посебно овој со кој се занимавам многу ми помага во учењето. Ми помага да се изградам и како личност. Тоа е една од придобивките“ истакнува Исјановски.

 

ОДЛИЧНА УЧЕНИЧКА КОЈА ЗНАЕ КАКО ТРЕБА КВАЛИТЕТНО ДА  ГО „ПОТРОШИ“ ДЕНОТ

Исидора Исјановски е родена на 17.08.2009 година во Скопје, има 16 години, таа е одличен ученик во втора година со СУГС „Орце Николов“-Скопје. И секогаш била одлична. Покрај училишните обврски редовно посетува часови по германски и англиски јазик. Станува збор за млада дама или поточно кажано девојче, кое знае како треба квалитетно да го „потроши“ денот.

“Станувам во 5:30 часот и веќе во 6:00 часот сум на лизгалиштето во Борис Трајковски, градот спие, надвор е се уште темно и не е разденето, а отвореното лизгалиште веќе свети. Пред тренингот се загревам на суво, во 6:30 веќе сум на мраз, кога започнува тренингот. Кога сум прва смена во Орце, излегувам од мраз неколку минути порано, со лизгалки влегувам во автомобил и додека се возам до училиште ги соблекувам лизгалките, облекувам патики и веќе во 7.30 сум на час. Голем број на наставниците не знаат дека ова моја рутина во зимските месеци, бидеќи не доцнам на утринските часови. Попладне повторно имам уште еден до два часа тренинг на мраз и кондициски тренинг, со цел да се искористи кратката сезона на уметничко лизгање во нашата држава. Како и секој средношколец сакам да излезам со моите врснички во петок, но некогаш морам да се спротиставам на моите желби. Бидејќи и во сабота со тренингот почнувам рано наутро, па мора да бидам одморена и енергична. Мора да кажам дека моите другари и другарки ме поддржуваат и ме почитуваат. И така 6 дена во неделата“ вели за крај Исидора.

Не е лесно да се создаде баланс помеѓу спортот и училиштето, но со многу дисциплина, истрајност и организација, Исидора успева да стигне до посакуваната цел. На тестови и испрашувања добива само 5-ки, а на лизгање се остварува огромен прогрес во нејзините елементи од  декември до февруари, колку што трае кратката сезона на мраз. Исто така, се обидува да остави добар пример за помладите генерации по неа. Кога нешто се прави со огромна љубов и посветеност, ништо не е тешко.

Тоа е Исидора Исјановски, нашата денешна хероина во рубриката  „Женски спортски приказни“.

Нејзините настапи можете да ги видите во линкот во продолежние: https://www.youtube.com/@isidoraisjanovski


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноАлаѓозовски: Одигравме слабо со Работнички, сега ни треба многу подобар меч против Башкими
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: А.П. освои СУПЕР МИЛИОНЕР вреден 7.395.853 денари