Дома Ракомет Домашно првенство Алкалоид и Вардар 1961 во ново дерби во Автокоманда

Алкалоид и Вардар 1961 во ново дерби во Автокоманда

148
Фото: РК Алкалоид

Денеска продолжуваат мечевите во плеј-оф и плеј-аут лигата. Во центарот на вниманието и овој викенд е салата во Автокоманда, а таму повторно силите ќе ги одмерат Алкалоид и Вардар 1961, дуелот е закажан со почеток во 18:30 часот.

Овие два тима се сретнаа пред една недела, а победник излезе поискусниот тим. „Црвено-црните“ во самиот финиш го урнаа отпорот на младиот состав на Кирил Лазаров, кој на таа средба не можеше да смета на комплетниот тим. Вардар 1961 славеше со 28-25, ова беше прва победа на најтрофејниот ракометен колектив во Автокоманда од март 2024 година.

Покрај оваа средба, во Скопје ќе се одигра уште еден дуел од плеј-оф, Бутел Скопје е домаќин на ГРК Охрид, мечот стартува во 17 часот.

ДВА МЕЧА ОД ПЛЕЈ-АУТ ЛИГАТА

Во плеј-аут лигата, Пелистер 2 игра со Пролет (16:30 часот), додека пак два часа подоцна Радовиш го пречекува Прилеп.

Пролет не успеа во зацртаната цел да стигне до место во плејофот, но тренерот Доне Мајнов гледа позитивно на наредниот период, како шанса за помладите преку поголема минутажа да ги покажат своите квалитети.

„Секако дека сите посакувавме да бидеме дел од плејофот, но тоа за жал не се случи. Не е ништо трагично, мораме да останеме максимално фокусирани и во наредните месеци, пред нас ќе бидат пресметки со ривал кои имаат сличен квалитет како нашиот. Секако, помладите играчи ќе добиваат шанса, а токму плејаутот ќе биде добра шанса за нив да покажат квалитет, да добијат минутажа и уште подобри да ја дочекаат следната сезона во дресот на Тинекс Пролет“, вели Доне Мајнов.

Плејаут натпреварувањето стартува со најтешкото гостување за Пролет, мечот во Битола против ривалот од кого се претрпени два пораза сезонава.

„Можеби моментниот квалитет е на страната на противникот, но тоа не значи ништо во случајов. Она на што јас како тренер инсистирам е максимална фокусираност и борбеност од првата до последната минута. Верувам дека ако одиграме во посакуваниот ритам, би можеле да стигнеме до добар резултат. Најважно ми е тимот да покаже карактер, а младите играчи борба на секој меч, од овој денеска до крајот на сезоната“, порачува стратегот на Пролет.

ПретходноПолувреме: Работнички со минимално водство на Арената, убав гол на Манојлов!
СледноРК Пелистер ги пушти во продажба билетите за мечот со ПСЖ! (ФОТО)