Панчурова: Помладите носат позитивна енергија и победнички дух!

48
ФОТО:FFM.MK

Женската фудбалска репрезентација ги почна подготовките за новиот циклус на натпревари во квалификациите за пласман на Светскиот шампионат. Нашата селекција е дел од Ц лигата, но се очекува дека овој тим има реални шанси да забележи резултат кој би не вратил во повисок ранг.

Селекторот Александар Андов во составот има фудбалерки кои беа дел од селекциите до 17 и 19 години кои во своите категории беа дел од елитните квалификации за настап на Европските првенства.

Тимот е составен од голем број млади фудбалерки, но тука се неколку поискусни и тоа екипа која на секој натпревар ќе се обиде да игра на највисоко ниво и на двата настапи против Азербејџан и Андора ќе оди на победа и освојување на значајни бодови во трката за обезбедување на што е можно подобар пласман во групата”, изјави голманката Викторија Панчурова.

Прв противник во овој циклус ни е репрезентацијата на Азербејџан.

До овој момент не сме се сретнале со селекцијата на Азербејџан. Сигурно дека не чека еден интересен и неизвесен дуел. Според мене ќе решаваат индивидуалните квалитети и се надевам дека на крајот ние ќе стигнеме до посакуваната победа”, продолжи Панчурова.

Таа го поздрави потегот со подмладување на националниот тим и смета дека тоа ќе придонесе за постигнување на далеку подобри резултати во иднина.

Сакам да истакнам дека одлуката да се вклучат помладите фудбалерки кои зад себе имаат одлични резултати во категориите до 17 и 19 години. Сметам дека тие ќе донесат нова, позитивна енергија во националниот тим и токму поради тоа оваа екипа во блиска иднина ќе почне да бележи добри резултати. Пред овие фудбалерки е убава иднина и очекувам овој тим од натпревар во натпревар да игра на повисоко ниво. Поискусните во овој состав ќе им дадат максимална поддршка и со наша помош нивниот напредок ќе биде забележлив по секој настап во националниот тим”, заврши репрезентативниот чувар на мрежата.

Дуелот против Азербејџан се игра на трети март, а почетокот на натпреварот во Баку е закажан за 12 часот. Четири дена подоцна Македонија во Битола ја пречекува селекцијата на Андора, а средбата почнува во 15 часот.

ПретходноПотешко не можеше: Њукасл за 18 дена ќе мора да одигра шест дербија!
СледноПМФЛ: Реми во големото дерби, Струга ТЛ го сопре Вардар!(ФОТО)