Селцова: Имаме подмладен тим, но мотивирани сме и одиме на победа против Данска

61
Фото: КФСМ

Македонија веќе ја совлада Данска на свој терен. Вечерва (18:30 часот), нашите најдобри кошаркарки, иако сериозно хендикепирани, ќе се обидат да го направат тоа и на гостинскиот, во близината на Копенхаген.

Ова е четврттиот натпревар во групата „Ф“, од квалификациите за Евробаскет 2027 година, во кој победникот ќе биде третопласиран во конкуренција на фаворитите како што несомнено се селекциите на Хрватска и на Грција.

Нема да биде исто на теренот, затоа што во оваа пауза помеѓу двата „прозорци“ на ФИБА, останавме без капитенот Анџелика Митрашиновиќ, која одлучи да стави крај на играчката кариера.

А на овие натпревари селекторот Александар Ашаданов не може да смета ниту на искусната Ивана Кметовска, но и Матеа Николиќ, кои беа дел од тимот кој славеше со минимални (79:78) на средбата во СРЦ „Кале“.

Со оглед на тоа дека ја немаме Митрашиновиќ, извесно е дека, не само на вечерашниот натпревар, Илина Селцова ќе ја преземе улогата на организатор на играта.

„Ни следува тежок натпревар на гостински терен со Данска, Ние овој пат одиме со доста подмладена екипа. Како што сите знаете, нашиот капитен Анџелика Митрашиновиќ, која ја имаше главната улога во репрезентацијата, се пензионираше.

Но секако ние сме мотивирани, со желба, и голема борба, да пробаме да ја добиеме репрезентацијата на Данска, која веќе еднаш ја победивме кај нас на домашен терен.

Зошто да не биде така и со вака подмладен состав. Сепак се работи за нашата земја, играме за неа, треба да дадеме се од себе“, вели Селцова пред вечерашниот дуел кој се игра во Гентофте, предградие на Копенхаген.

ПретходноБоно блесна против Мелсунген, ЕХФ ТВ го смести неговото ремек-дело во Топ 5 листата (ВИДЕО)
СледноБОМБА: Манчестер Јунајтед го пикираше Елиф Елмас