Познатиот италијански новинар кој пишува за фудбал, а најпознат по информации и „инсајдерски“ вести за трансфери на играчи, Руди Галети, на својата веб-страница одвои простор за една од најнадежните македонски фудбалерки, Меланија Грозданова. Во својот текст објавен денеска, Галети во суперлативи зборува за потенцијалот на нашата репрезентативка.
„На само 17 години, Меланија Грозданова веќе станува еден од најзборуваните млади фудбалски таленти во Европа. Македонската репрезентативка неодамна помина една недела во Торино, каде што го посети Јувентус за да ја открие клупската средина, да се запознае со тимот и да го запознае тренерскиот штаб. Италијанскиот клуб, како што ексклузивно беше откриено пред неколку месеци, внимателно ја следеше, а оваа средба потврдува како патиштата меѓу нив наскоро би можеле да се спојат“, пишува Галети.
Во продолжение на текстот, Галети дополнува:
„Само неколку дена по враќањето од Италија, Грозданова доживеа историски момент во својата кариера. Таа го постигна својот прв гол за сениорската репрезентација на Македонија на возраст од 17 години и 70 дена. Тоа беше посебно достигнување за толку млада играчка и важна пресвртница во нејзиниот брз развој. Нејзиниот гол не само што беше важен за тимот, туку го потврди и големиот потенцијал што многу скаути низ Европа веќе го забележаа. Всушност, Грозданова би можела да биде најмладата играчка што постигнала гол за национална репрезентација за време на мартскиот интернационален прозорец низ Европа. Времето на постигнување на нејзиниот гол е особено интересно, бидејќи доаѓа кратко по нејзината посета на Торино. За многу набљудувачи, ова се чини како уште еден јасен знак дека вниманието околу македонскиот талент брзо расте“.










