Нема веќе дилеми, РК Бутел од лето или од нареднтата сезона на клупата ќе го има легендарниот Стојанче Стоилов. Тој денеска е промовиран од страна на членот на Суперлигата на Македонија. Секако дека со Стоилов на клупата се отвораат нови хоризонти за овој клуб кој веќе одамна е етаблиран во мак – ракометот.
На промоцијата покрај другото, Стоилов истакна:
“Сакам да се заблагодарам за довербата на раководството на Бутел Скопје. Ситуацијата во македонскиот ракомет е чиста – сега имаме четири клубови кои се помоќни финансиски од другите, но за да имаме силна репрезентација, другите клубови треба да се посветат повеќе внимание на македонските млади играчи и да не купуваат странци. Бутел веќе има костур на екипата, иако има и млади ракометари, но тие имаат суперлигашко искуство. Би го надополнил ростерот со млади од други екипи за кои сметам дека може да станат големи играчи. Амбициите остануваат и за наредната сезона – пласман во плеј-офот, само со македонски ракометари, изјави новиот стратег на клубот.
Свое обраќање имаше и претседателот на РК Бутел, Бојан Спасовски:
“Баравме идеално и квалитетно решение за клупата на Бутел Скопје. Имавме краток состанок со Стоилов и веднаш се договоривме. Станува збор за легенда не само во македонскиот ракомет, туку и пошироко. Со него ќе добиеме и на квалитет и на искуство на клупата, а во ростерот и натаму ќе имаме млади македонски играчи. Амбициите ни се високи, па затоа се договоривме за соработка на две сезони. Mу даваме одврзани раце на Стоилов околу формирање на ростерот, а ние како раководство ќе се потрудиме да му обезбедиме максимални услови за работа, изјави Спасовски.










