Две нерешени и два порази е билансот на Силекс на последните четири натпревари во Првата македонска фудбалска лига. Тимот не знае за победа на свој терен во пролетниот дел, а денеска во Кратово гостува последнопласираниот тим на Шкупи. Противник по мерка за Силекс да се врати на победничките патеки, и да фати долга триумфална серија со која само ќе ја зацврсти четвртата позиција на табелата.
Се освен победа на Силекс денеска би било огромно изненадување, со оглед дека противникот е со само еден освоен бод. Од кратовскиот табор истакнуваат дека мечот со Шкупи доаѓа во добар момент, но и дека ќе треба да се одигра на терен за да се освојат бодовите.
„Очекувањата се само три бода на домашен терен против екипата на Шкупи. Овој меч доаѓа во вистински момент за нас. Сега имаме свежина после паузата поради репрезентациите, и се надевам дека ќе ги освоиме бодовите и дека потоа ќе почнеме една долга победничка серија. Нема никого да потцениме, треба да излеземе на терен, да ги одработиме задачите кои ќе ни бидат поставени и да дојдеме до триумф“, изјави дефанзивецот на Силекс, Ѓорѓе Џеков.
По одличното издание во 24-то коло, и покрај тесниот пораз од Башкими (2-3), фудбалерите на Шкупи ја вратија самодовербата и со оптимизам гледаат кон следната цел – првата сезонска победа. Асан Рифадов верува дека тимот е психички подготвен за претстојното гостување кај Силекс во Кратово и ветува борба до последен здив.
„Сакам да кажам дека не е важно дали играме со младинци или со искусни играчи, Шкупи секогаш на секој натпревар оди да се надигрува, не се плашиме од никој. Тука сме да ги браниме боите на клубот до последниот натпревар и до последен здив. Очекувам фер и коректна игра од двете страни, и ние ќе се бориме за позитивен резултат, “истакна Рифадов.















