Масар Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и претседателот Чеферин е силен поттик за реформите и развојот на македонскиот фудбал

96

На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на ФФМ.

Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ја истакна важноста на посетата, со посебен акцент на реформите и развојот на македонскиот фудбал во изминатиот период.

„Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Масар Омерагиќ.

Во рамки на посетата на нашата држава, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, оствари средба на највисоко ниво со претставници на Владата на Република Македонија, со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, по што следува и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.

ПретходноИсејни: Завршна проверка пред влез во натпреварувачкиот систем на УЕФА
СледноПрва рунда: Штип УГД – ГОК Борец, започнува битката за шампионската титула кај мажите