КФСМ му одговори на МЗТ: По кој знае кој пат, крајно тенденциозно пишувате невистини, сакате да покажете лажна ситуација!

362

По обвинувањата од страна на МЗТ Скопје дека КФСМ не сака да превземе одговорност за повредените репрезентативци од редовите на актуелниот првак, се огласија и челниците на нашата „куќа на кошарката“.

„По кој знае кој пат МЗТ Скопје Аеродром, крајно некоректно и тенденциозно пишува невистини преку кои сакаат да покажат поинаква и лажна ситуација во која што, само по нивна, а не нечија друга „заслуга“, се пронашле да испратат едно такво писмо во јавноста.

Крајно непримерно е да се даваат „лекарски потврди“ за здравствената состојба на дел од играчите кои учествуваа во последната репрезентативна акција. Тенденциозно е затоа што сето ова се случува по повеќе од еден месец откако стана јасно дека нашата сениорска репрезентација обезбеди пласман во квалификациите за Светскиот Куп 2023.

Како одговорна и отчетна федерација, во предвидениот рок, дадовме одговор на вашето, кое на крајот се покажа и задоцнето барање.

ФИБА правилата за осигурување на играчи се многу јасни. Рокот за пријавување на повреда со комплетна документација е најдоцна 15 дена од настанување на повредата и начинот на лекување на истата. По пријавувањето на повредата, ФИБА го следи процесот на закрепнување се до крајниот извештај на докторот и првиот натпревар после повредата.

Со оглед на тоа дека времето за пријавување на повреда на кошаркарите Кристијан Николов и Дамјан Робев во ФИБА осигурување е поминато, КФСМ не може да ги покрие платите на кошаркарите кои од нас ги (по)бара МЗТ Скопје Аеродром.

Но, бидејќи се работи за репрезентативци на нашата земја, федерацијата ќе ги преземе сите трошоци потребни за лекување и за рехабилитација на кошаркарите. Искрено се надеваме дека во иднина ќе имаме помалку вакви случувања на повреди на кошаркарите, но како и секогаш, за сите вакви несакани ситуации, федерацијата секогаш ќе биде на располагање во обезбедување на трошоците за лекување и за рехабилитација. 

И е подготвена во секој момент, да ги стави на увид на јавноста сите документи поврзани со задолжителното осигурување, кое го бара Светската кошаркарска организација за сите кошаркар(к)и кои се ставиле на располагање за настап во националните селекции во одреден временски период, во овој случај, прет-квалификациски циклус за пласман на Светскиот Куп 2023, вклучително и коресподенцијата, односно нашиот одговор, кој го оценивте како нељубезен.

Македонската кошаркарска федерација секогаш била и ќе остане зад сите играчи кои го носат репрезентативниот дрес и во ниту еден понатамошен случај, нема да прифати вакви паушални информации кои немаат врска со вистината, каде сега дополнети со проширен список на кој се најдоа уште некои други репрезентативни имиња, злоупотребени за „нечиј интерес“ за кој не е потребно да водиме дискусија.

Навистина жалиме, што вие како сериозен клуб, не сте доволно информирани за комплетната здравствена состојба на играчите, а уште помалку за регулативите на ФИБА кои се однесуваат за вакви ситуации поврзани со осигурувањето на репрезентативците, особено ако се земе в предвид дека докторот на вашиот клуб во изминатиот период се грижеше за здравјето на комплетниот играчки дел од сениорската репрезентација.

Лажните и манипулативни соопштенија нема да донесат никому добро, најмалку на кошаркарската јавност, а само ќе ги вовлече во сопствените лаги оние кои се креатори на тенденциозните написи.

Репрезентацијата е светост и играњето за репрезентацијата е најголемото спортско достигнување и гордост. Фактот што во вашиот клуб играат повеќе сениорски репрезентативци, треба да знаете дека претставува бенефит за вашиот буџет во кој се слеваат значителни финансиски средства кои се доделуваат од страна на државата токму на таа основа – настап во најдобрата кошаркарска селекција“, се вели во соопштението на федерацијата. 

Претходно“Комити“ со поддршка за Глигоров!
СледноПознато е зошто Барса не смее да му врачи отказ на Куман!