„Спакуваните“ и идни второлигаши на мегдан на Арената

98

На две кола пред крајот на шампионатот во домашната елита, екипата на Шкупи веќе ги започнува подготовките за следната сезона во Втората лига. Сепак, секој преостанат натпревар во фудбалското друштво на најдобрите е огромно и драгоцено искуство за младите фудбалери од Чаир.

Еден од младите играчи кои оставија одличен впечаток со своите настапи во овој период е талентираниот голман Сефер Муслиу. Тој смета дека секој негов соиграч мора да го даде максимумот на преостанатите два меча до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

„Остануваат уште два натпревари до крајот на првенството. Нашиот следен дуел против Работнички ќе биде голем предизвик за нас, но тоа никако не значи дека ќе се предадеме. Напротив, ние ги браниме боите на нашиот сакан клуб. Ќе дадеме сè од себе за да направиме изненадување со овој млад состав со кој располагаме во моментов“, изјави чуварот на мрежата на чаирчани, Сефер Муслиу.

Планот на избраниците на Муарем Муарем е да забележат сигурен триумф.

„Ќе се бориме чесно до крајот и денеска посакуваме триумф. Поквалитетен тим сме од Шкупи и тоа ќе го докажеме на денешниот меч. Имаме респект за ривалот, но посакуваме три бода и за нив ќе се избориме на теренот“, порачува дефанзивецот Џастин Крантове.

Ова ќе биде вкупно 46-ти меѓусебен дуел помеѓу Шкупи и Работнички. Во досегашната историја, „романтичарите“ имаат забележано 18 победи, Шкупи се радувал на 17 триумфи, додека 11 средби завршиле без победник.

Последниот нивни дуел му припадна на составот од Дебар Маало кој славеше со убедливи 3-0, додека единствениот бод за Шкупи во меѓусебните пресметки сезонава беше запишан на 4 октомври минатата година, кога натпреварот заврши нерешено (1-1).

Натпреварот меѓу Шкупи и Работнички е закажан за 16 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

ПретходноПелистер го „растури“ ТФТ, и направи „брејк“
СледноМислав Матиќ: Вардар е величина во Македонија, но и пошироко