Така тоа го прави Сити: Пеп добива статуа и трибина на „Етихад“!

158
ФОТО:.facebook.com/mancity/

Пеп Гвардиола ќе добие статуа пред стадионот „Етихад“, додека северната трибина на Манчестер Сити ќе биде преименувана во негова чест, објави англискиот клуб.
Гвардиола потврди дека ќе го напушти Манчестер Сити на крајот од сезоната по десет години во кои освои 20 трофеи.
Клубот изјави дека статуата на легендарниот тренер ќе биде поставена на влезот на новоименуваната „трибина на Пеп Гвардиола“.
Северната трибина на стадионот „Етихад“, која неодамна беше проширена, ќе го носи името на трофејниот шпански тренер.
„Одамна реков дека Манчестер Сити мора да ги има најдобрите луѓе на располагање, и на теренот и надвор од него. Десет години, Пеп беше олицетворение на таа амбиција“, рече сопственикот на клубот, шеикот Мансур.
„Тој остави неизбришлив белег во ДНК-та на клубот. Тој белег не се базира само на многуте трофеи што ги освои, туку и на начинот на кој стигна до нив. Тој има бескрајна благодарност од мене и од целото семејство Сити, од кое засекогаш ќе остане дел“, додаде Мансур.
Претседателот на клубот, Халдун Ал Мубарак, процени дека новата трибина и статуата трајно ќе го зачуваат наследството на Гвардиола.
„„Трибината на Пеп Гвардиола“ и статуата пред неа се вистинскиот начин наследството на Пеп засекогаш да остане врежано во историјата на овој фудбалски клуб, градот Манчестер и англискиот фудбал“, рече Ал Мубарак.

ПретходноПеп откако објави дека веќе нема да биде тренер на Сити:„Добив порака од Алекс Фергусон“! (ФОТО+ВИДЕО)
СледноВлаховиќ и Локатели казнети со по 40.000 евра од страна на Јувентус