Победите на Шкендија Арачиново и на Скопје во баражите над трофејните и поранешни освојувачи на Купот на Македонија, екипи од типот на Пелистер и Брера само го потврдија она што фудбалската јавност го гледа, а фудбалските административци без механизам да го спречат уништувањето на домашниот фудбал. Македонската лига е една од најслабите во Европа! Но и таква секогаш има интерес, секогаш е во фокусот на спортските настани и на крајот од денот таа е наша и каква и да е треба да се почитува и следи.
На површина излезе еден голем проблем кој се влече со години. Имено победите на Шкендија и Скопје имаат двојна важност. Тие се изборени само со домашни играчи (странци немаат право да играат во Втора лига), со максимален домашен производ и со многу анонимни играчи. Па кој знаеше за голманот на Шкендија Арачиново пред да биде овој бараж со Пелистер и неговите одбрани за кои зборува целиот фудбалски свет во земјава!? Но поентата е друга. И во Пелистер и во Брера еден куп странски играчи. Интернационалци кои дошле тука да играат фудбал, кои се подобро платени од домашните играчи и кои се дојдени како засилувања.
Какви засилувања се играчите од Србија во Пелистер!?
Одговорот е јасен и директен – никакви! Тие се причината за мизеријата во Битола и големата трагедија. Но таму немало кој да го види сето тоа дека странците им се промашувања и дека домашните играчи треба да добијат поголема шанса, поголеми плати, подобар третман!
Триесетина „странци“ заминуваат како лузери
Пет прволигаши ја напуштија елитата на Македонија. Тоа е најголемиот „масакр“ кој се има случено и кој е поради тоа што од идната сезона Првата лига на Македонија се крати на 10 клуба. Тоа значи дека во петте екипи имаше барем триесетина странци кои како губитници или како лузери си заминаа по дома во Србија, Колумбија, Џибути, Габон… и останатите земји од каде што дојдоа во земјава за да играат фудбал. Многу е тоа – премногу за една лига како оваа нашата. Но, од друга страна тоа е доказ околу тоа колку лоши и никакви играчи доаѓаат да играат тука во земјава. Најголемите утки го имаа во Работнички, па во Пелистер и Брера. Некои од странците во Македонија Ѓ.П и Шкупи (во есенскиот дел), имаа некој штоф, квалитет…
Туѓинците ги убиваат младите играчи
Многу фудбалски интернационалци кои дошле во земјава си заминуваат затоа што по автоматизам се слободни играчи откако нивните клубови ја напуштија елитната лига во Македонија. Дојдоа, играа си земаа по некоја паричка и си заминаа. А сега!? Клубовите кои испаднаа спасот ќе мора да го бараат во домашните играчи, во оние кои не ги плаќаат како странците, во оние на кои не им даваа голема минутажа во оние кои остануваат дома и секогаш се тука да помогнат дури и во најтешкото, дури и кога екипите им испаѓаат во понизок ранг. Така се убиваат и талентите и младите фудбалери а така се убиваат и националните селекции во кои играат играчи кои немаат добиено вистинска шанса по своите клубови.
И треба ли на Македонија 8+2 странци!?















