Македонската универзитетска карате репрезентација освои прв медал уште на првиот натпреварувачки ден од Светското универзитетско првенство во Бразилија. Најзаслужен за тоа е Стефан Стојановиќ во категоријата +84 кг, кој прикажа одлични борби и уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот светски врв.
Стојановиќ беше на чекор до финалето, но во полуфиналната пресметка претрпе пораз во последните секунди од мечот, пропуштајќи голема можност да се бори за златниот медал. Сепак, освоеното одличје претставува значаен успех за македонскиот универзитетски спорт и силен поттик за продолжението на шампионатот.
Од друга страна, најголемата спортска драма ја доживеа Викторија Јовановска во категоријата -68 кг. По серија квалитетни настапи, таа во борбата за бронзен медал беше поразена од претставничката на Иран со минимални 5-4.










