Фудбалската репрезентација на Бразил ќе биде ослабена на почетокот од Светското првенство, бидејќи Нејмар нема да биде во конкуренција за првиот натпревар од групната фаза против Мароко.
Селекторот Карло Анчелоти потврди дека искусниот напаѓач сè уште се опоравува од повредата на листот и не е подготвен да игра на отворањето на турнирот.
„Тој работи напорно за да се врати на теренот што е можно поскоро. Се надеваме дека ќе може целосно да се приклучи на тренинзите во наредните недели“, рече Анчелоти.
Бразилците ќе се соочат со еден од најтешките тестови во групната фаза на почетокот од првенството, бидејќи нивен ривал ќе биде репрезентацијата на Мароко, полуфиналист на Светското првенство во Катар 2022 година. Според моменталната ранг-листа на ФИФА, Бразил е шести, а Мароко осми во светот.
Нејмар последен пат играше за Сантос на 17 мај, по што повредата го оддалечи од теренот и го спречи да учествува во последните подготовки на репрезентацијата за Светското првенство.










